fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Земјоделците и оризопроизводителите бараат антикризни мерки

Државата е должна да направи законите да се почитуваат од страна на откупувачите

Доцната сеидба, недоволниот број на сончеви денови придонесоа годинава во кочанскиот регион подоцна да почне жетвата. Но и покрај сите проблеми и недоволната созреаност на дел од површините сепак топлите и суви есенски денови помогнаа жетвата на оризот да финишира  со досега ожнеани околу 80% од полињата. По жетвата секој се снаоѓа како знае и умее бидејќи откупните компании се уште тактизираат со стартот на откупот и со објавувањето на откупните цени. Најголемиот дел од откупувачите имаат и свои површини за одгледување ориз па со тие количини добиваат на време за да го одолговлекуваат  отворањето на вратите за помасовен откуп на оризова арпа од индивидуалните производители. Токму малите земјоделци кои се и најбројни и најсиромашни немаат услови за чување па задолжени кај комбајнерите за жетва, за водна заедница и по аптеките принудени се да ја предаваат оризовата арпа без одредена цена.

-Она што на сите сега ни е најзначајно е откупот и тоа го нема. Познавам дел од земјоделци кои носат оризова арпа ама на отворен налог без дефинирана цена. Најверојатно се чекаат берзите во Италија и Грција за да се дефинираат цените но нашата влада треба да согледа дека на тие центи во Грција на пример имаат по 500 вера субвенција и така можат да ни го преземат пазарот. Наместо да увезуваме ориз со дополнување  на субвенциите можеме и ние да бидеме конкурентни и да останеме да произведуваме.  Се повеќе луѓето почнаа да се откажуваат од ова производство. Порано се живееше нормално со 2 хектара па границата се помести на 5 па на 10 а сега треба да работиш 20 хектара под ориз за некоја нормална просечна живеачка што тие површини нема каде да се најдат а нема ни работна сила за толкави површини, рече Костадин Христов оризопроизводител од кочанското село Мојанци.

-Немаме услови за чување на арпата, а веќе немаме ни работна сила за да ја пакуваме во вреќи па така рефус директно ја носиме по фабриките. Сега таму ни е складиран целиот род и чекаме кога ќе се објави цена. Должиме на комбајнери за жетвата и по аптеки а наскоро ќе треба да се плаќа и за водната заедница а ние не знаеме кога ќе почне откупот и по кои цени, рече Ванчо Јосифов оризо производител од село Горни Подлог Кочани.

За да им се помогне на земјоделците погодени од пандемијата самостојниот  синдикат на земјоделците заедно останатите релевантни  земјоделски здруженија подготвуваат иницијатива која ќе ја испратат до министерството за земјоделство и владата во која предлагаат антикризни Ковид мерки за земјоделците меѓу кои се и поддршка од 5 денари за килограм или субвенција по површина за оризо производителите, намалување на давачките за здравствено и пензиско за земјоделците, намалување или ослободување од киријата за државното земјиште за оваа година заради корона кризата, репрограмирање на заостанати обврски и камати. Од овој синдикат сметаат дека државата не смее да стои на страна во услови кога не се почитува законот од откупувачите на ориз.

-Ова е веќе хроничен проблем кој се јавува секоја година а се што треба да направи државата е се грижи доследно да се почитува законот. Цените кои изминативе реколти се нудеа ниту се реални во однос на трошоците за производство ниту во однос на оние цени кои ги има на пазар. Сите можеме да видиме дека во маркетите за пакување од 900 грама цените се движат од 65 до 95 денари па од таму нема логика на земјоделците килограм ориз да им се плаќа толку ниско. Според мене откупните цени не смеат да бидат пониски од 25 денари за арпата и 50 денари за белиот ориз и за тоа сме спремни да дебатираме со сите аргументи кои се на наша страна и со откупувачите и со државните претставници. Државата е должна да се грижи за почитување на законите. Во законот за земјоделство и рурален развој од член 30 до член 36 точно е наведена методологијата како се одредува цената на еден земјоделски производ рече Ставре Јанев претседател на самостојниот синдикат на земјоделците.

Земјоделските асоцијации сметаат дека земјоделците освен субвенцијата за лозарите во други антикризни мерки воопшто не се вклучени. Се надеваат дека тоа што не се соопштуваат мерки за помош на оризо производителите се прави за да не ја симнат откупната цена откупувачите како што тоа го направија пред неколку години кога државата заради нарушените пазарни услови донесе дополнителна субвенција од 5 денари за оризот.

З.Б.

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close