fbpx
ВестиТоп вести

Земјоделците од „Зелена берза“ формираа  Советодавно тело кое пред институциите и јавноста ќе нуди и бара решенија за земјоделските маки

Земјоделците од „Зелена берза“ формираа  Советодавно тело кое пред институциите и јавноста ќе нуди и бара решенија за земјоделските маки

Здружението за едукација на земјоделци „Зелена берза“- Битола на конститутивна седница формира  Советодавно тело и избра  членови земјоделци од сите области да ги застапуваат нивните интереси и чекор по чекор  да бараат решенија на земјоделските маки. Седницата се одржа во присуство на членови и поддржувачи на Здружението од повеќе региони во државата кои на маса ги отворија најгорливите проблеми на земјоделците, нудејќи начини  и решенијата како да ги претстават пред институциите и јавноста и како да си помогнат.

-Го формиравме  Советодавното  тело од областа на земјоделството, и на денешната седницата избравме  наши членови земјоделци кои со своите искуства и познавања во одредена проблематика преку „Зелена берза“ ќе  може да дадат свој придонес  во подобрување на состојбите во земјоделството, зајакнување на позицијата на земјоделците, земјоделските практики како и подобрување на законските регулативи кои што ја регулираат оваа дејност, изјави Валентина Соколовска, претседател на „Зелена берза“.

Советодавното тело го сочинуваат : Христина Фуна- СИНПЕКС ДОО Битола, Владе Јунтовски,  Ристо Самандов -ОАЗА САМАНДОВ, Славица Милошевска- ПРОАНАЛИЗ лабораторија за анaлиза,  потоа Менде Ивановски -ЗЕМЈОДЕЛСКИ ЗАДРУГИ,  Васка Мојсовска- АГРО КАЛЕМ,  Ѓоре Захарчев , Мендо Талевски, Вецко Мрмачовски,  Иван Зафировски, Панде Дамчевски,  Гоце Стевановски,  Стојан Велковиќ, претставникот од Здружението  НАПРЕДНИ ЛОЗАРИ – Зоранчо Пешков,  Горан Ристиќ,  Албер Рушидовски и Владе Ивановски.

Членовите на Советодавното тело првично  како проблеми ги предочија; задолжителното  користење на семенски материјал, проблемите со  различните критериуми за добивање на  субвенциите, распределбата на државното земјоделското земјиште, како и проблемот со наводнувањето во кавадаречкото село Ресава.

-Земјоделците само што ќе ги земат парите од откупот на пченицата веднаш ги даваат за семе. Со едно семе ако насадиш еве на пример „Елита“ можеш со тоа  да садиш потоа две години. Тука за двајца –тројца што продаваат семе во државата  работиме илјадници селани. Ова веќе не се трпи. Исто така  кај субвенциите, ако земјоделецот насади над 5 хектари сончоглед ќе земе субвенции , ако е под таа површина да не земе субвенции. Па овде има десет поголеми земјоделци што ќе насадат  над пет хектари, а има илјадници земјоделци што ќе насадат помали површини, па тие земјоделци нема да земат субвенции. Затоа јас прекинав со производство на сончоглед, оти сметам дека секој што насадил треба да земе субвенции, рече пелагонискиот земјоделец, Владе Јунтовски.

Зоранчо Пешков, лозар од кавадаречкото село Ресава  го отвори проблемот со наводнувањето во овој регион, каде и покрај близината со Тиквешкото  езеро, лозовите насади и нивите во овој региот се жедни за вода.

-Целото земјоделие во Македонија е проблематично, не само лозарството. Секаде се ветува и на крај ништо. Имаме проблеми со препарати, со наплатата и ред други работи. Јас доаѓам од регион кој е веднаш до Тиквешкото езеро , кај нас околу 600 до 700 хектари  почва не се наводнува, а езерото е блиску. Мака мачиме во сушниот период, се пожали Пешков.

Членовите на Советодавното тело се децидни дека она што им е потребно е разрешување на проблемите во земјоделието, а не создавање на нови.

-Добро сум запознат со сите региони во Македонија, и треба да ги разрешуваме пробемите, а не да правиме нови. Јас сум производител на 400 тони  јаболка годишно, а немаме  пари леб да си купиме, рече Менде Ивановски овоштар од Преспа.

Потребно е заедничко делување за разрешување на проблемите во земјоделието констатира  Христина Фуна од СИНПЕКС ДОО Битола.

-Проблемите мора да ги актуелизираме, и се она што може да го направи земјоделието подобро, да ги кажеме и да ги промениме ситуации. Целта треба да ние е земјоделецот , да работи  полесно и поуспешно. Во здружението „Зелена берза“ ги имаме порталот и весникот „Зелена берза“ каде можеме да ги актуелизираме земјоделските проблеми, рече Фуна.

Членовите ја прифатија програмата  за работа на Советодавно тело која предвидува:

  • Помош при едуцирање на земјоделците, младите земјоделци и жената-земјоделец,
  • Припрема, спроведување и анализа на едукативни програми со цел зголемување на свеста и потребата од модернизација и подигање на стандардизацијата на земјоделските стопанства,
  • Помош во спроведување на едукативни програми за важноста на здружувањето кај земјоделците ,
  • Секојдневно информирање и споделување на информациите преку социјалните мрежи, други медиуми смс пораки со членовите на Здружението, а со цел полесно спроведување на програмите на државните институции поврзани со едукација и модернизација на земјоделството,
  • Промовирање на сознанијата за значењето на руралниот развој,
  • Промовирање на можностите за финансирање од страна на ЕУ фондовите и на другите донатори поврзани со земјоделството и руралниот развој,
  • Организирање на иницијативи и активности во областа на руралниот развој,
  • Креирање на ставови и мислења во врска со актуелни прашањата,
  • Презентирање на ставовите и мислењата пред медиумите. Членовите на Советодавното тело во координација со ЗЕЗ „Зелена берза“ ќе имаат овластување да споделуваат мислења и ставови на Здружението пред јавноста,
  • Лобирање за застапување на интересите на земјоделците ,
  • Континуирана и навремена размена на информации од областа на земјоделството и руралниот развој,
  • Координиран пристап и взаемна поддршка во реализација на заедничките активности,
  • Координиран настап и взаемна поддршка пред релевантни ентитети во земјоделскиот сектор,
  • Собирање и организирање на земјоделците за подготовка и реализација на проектни апликации во насока на развој во областа на земјоделството,
  • Унапредување на познавањата на земјоделците во делот на производството и користење на модерните технологии, едукација и обуки на земјоделците на теми што се од интерес на фармерите со претходно дефинирање на потребите и изразување на интерес на фармерите,
  • Взаемни активности во насока на ефикасна примена на позитивната законска и подзаконска регулатива, како и заедничко креирање на мислења кои се најсоодветни за развивање на земјоделскиот сектор.

 

А.Б

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close