Цените на зелените пазари никогаш не биле повисоки

(Oвој напис е објавен на: July 30, 2019)

За разлика од претходните години, кога цените на зелениот пазар беа прифатливи за сечиј џеб, последниве години се високи како да сме пред Нова година или Божиќ, а не во екот на летото, коментираат жителите на Кичево. Граѓаните со речиси празни кошници се враќаат од пазарот поради висината на цените несвојствени за летната сезона.

– Кога ќе ги види цените на зелениот пазар, на секој човек ќе му се сврти во главата и ќе помисли дека е во странство. Среде лето цените на повеќето артикли се како во зима, а не во екот на сезоната. И не само што цените се превисоки туку и квалитетот на земјоделски производи не е задоволителен – посочува Петар, пензионер од Кичево, кој заедно со другите пензионери се пожали дека со пензиите што ги имаат сѐ помалку намирници можат да купат.

И другите граѓани на Кичево се соочуваат со истата мака кога одат во набавки на зелениот пазар.
– Ова не било досега, среде лето краставиците и доматите да бидат едно евро, како да сме во Скандинавија. Состојбата не е различна и со другите цени на пазарот и сметам дека ова лето имаме рекордно високи цени, што досега не се памети. Порано на пазарот продаваа производители, а денес нив ги нема на пазарот, можеби и тоа е причина за високите цени и за сѐ помалиот избор на квалитетна стока. Порано струмичките земјоделци цело лето закупуваа тезги на пазарот и продаваа квалитетен зеленчук, а денес воопшто не доаѓаат – вели Стојан Митрески.
Сѐ почеста е сликата граѓаните да прошетаат по пазарот и, кога ќе ги видат цените, да се вратат дома без да се снабдат со неопходните продукти, токму поради превисоките цени.

– Причината за високите цени на нашиот пазар лежи и во сѐ помалото производство на градинарски култури од страна на локалните земјоделци, кои сѐ повеќе ја напуштаат оваа гранка и заминуваат во странство или се преориентираат на некоја посигурна и помалку ризична професија – вели Насер, поранеше земјоделец, кој разочаран од состојбите во оваа гранка побарал друга егзистенција.

извор: Нова Македонија

Share Button