fbpx
ВестиВиноТоп вести

Намалено производството на вино во светот поради пандемијата

Глобалното производство на вино ќе остане под петгодишниот просек оваа година поради нискиот обем на производство во Јужна Америка и ограничувањата во Европската унија поради пандемијата на коронавирус, објави Меѓународната асоцијација на производители.

Оттаму прелиминарно проценуваат дека оваа година ширум светот треба да се произведуваат помеѓу 253,9 и 262,2 милиони хектолитри (мхл) вино, или во просек 258 милиони хектолитри.

Тоа би значело дека производството ќе остане под просекот втора година по ред, откако во 2018 година се приближи на рекордно високо ниво, соопшти организацијата со седиште во Париз.

„ Ова не е нужно лоша вест за винскиот сектор, со оглед на сегашниот контекст, во кој геополитичките тензии, климатските промени и пандемијата на Ковид-19 генерираат висок степен на нестабилност и неизвесност на глобалниот пазар на вино“, соопшти ОИВ.

Во Европската унија, лозовите насади имаат корист од добрите временски услови, но производството останува под просекот, бидејќи производителите и владите го ограничуваат производството за да се спротивстават на негативното влијание на пандемијата.

Така, производителите на шампањ во Франција оваа година се согласија да претворат околу 20 проценти помалку грозје како дел од напорите да се опорават од колапсот на продажбата предизвикана од корона кризата.

Извор: Макфакс

Слични написи

Back to top button
Close