вести

Земјоделците треба да изнајдат сорти и култури отпорни на повисоки температури

 

zemjodelcite treda da iznajdat sorti i kulturi otporni na povisoki temperaturi

Со цел македонскиот аграр ефикасно да ги надмине последиците од климатските промени потребно е рационално искористување на водните ресурси, навремено предвидување на временските услови, обука на земјоделците за примена на најсоодветни производни техники и добивање брзи, точни информации за успешен пласман. Поради тоа, експертите ја нагласуваат потребата од изнаоѓање сорти и култури отпорни на повисоки температури, сушни услови и нови заболувања, како и инвестирање во инфраструктурата, едукацијата и модернизацијата на системите за рано предупредување.

– Климатските промени се сериозна закана и битен проблем за земјоделството, водните ресурси и прехранбената сигурност. Нивното влијание посебно ќе се одрази врз населението во послабо развиените средини кое се директно зависни од производството. Поради тоа земјоделците треба да изнајдат сорти и култури отпорни на повисоки температури, велат експертите.

Од друга страна, не е исклучено да се создадат и нови можности во агросекторот – продолжување на сезоната, поинтензивен раст на културите, дури и зголемување на водните ресурси во некои региони.

Истражувањата покажуваат дека поради климатските промени во земјава веќе се забележуваат зголемувања на средната температура, дефицити на влага и потенцијални опасности од екстремни појави како суши, топлотни бранови и шумски пожари. Проекциите за следните неколку децении се зголемување на средната годишна температура за 1,9 степени, намалување на врнежите за пет отсто и поголема изложеност на нови заболувања на земјоделските култури, шуми и стока.

Иако се уште се прават проценки кои култури ќе бидат најпогодени, се смета дека ризикот е најголем за доматите во Струмичко и грозјето во Повардарие.

Анализата на влијанијата на климатските промени покажува економски загуби кај стратегиските земјоделски култури и намалување на приносите до 50 отсто. Се смета дека најранливи региони покрај Повардарие и Струмица ќе бидат и Гевгелија, јужна Вардарска долина, Кумановска долина и Овче Поле, каде негативни последици се очекува да имаат земјоделските култури и пченицата.

Во сточарството се очекува намалување на добиточниот фонд како резултат на температурниот стрес ефект врз добитокот, а се смета дека локалните раси кои се подобро приспособени на локалните услови ќе бидат поотпорни на посувите и потоплите климатски услови проектирани за во иднина.

Меѓу најголемите ризици од климатските промени кои се прогнозираат во наредните две до три децении, покрај појавата на болести е и појавата на штетници во растителното и сточарското производство.

Според годишниот извештај на Организацијата на ОН за храна и земјоделство (ФАО) до 2030 година климатските промени може да втурнат во екстремна сиромаштија уште 122 милиони луѓе, најголем дел во југоисточна Азија и Африка, каде што фармерите ќе се соочат со стрмоглав пад на производството.

ФАО предупредува дека последиците од климатските промени може тешко да ја погодат животната заедница, чиј животен опстанок зависи од земјоделството, а состојбата со несигурност со храна може да се пренесе на сите региони.

 

Тагови

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Back to top button
Close