Земјоделието подразбира умешно менаџирање и добра организација, вели Ерџан Али земјоделец од Кравари

Без умешно менаџирање и добра организација, нема успешно земјоделство, порачува Ерџан Али (39), индивидуален земјоделец од битолско село Кравари член на земјоделското здружение „Зелена берза“.

Али потекнува од земјоделско-сточарско семејство и пред 8 години кога го наследил имотот од својот дедо почнал и самиот да ја обработува земјата и тоа да биде начин за негова егзистенција.

На повеќе од 12 хектари земја, од кои половината се во негова сопственост одгледува пченка, тутун и грав.

Иако  своевремено неговото семејство чувало фарма со над 30 крави , сепак Али заради севкупната состојба со млекопроизводството се определил само за земјоделие.

Смета дека секој змејоделец треба да ги следи современите земјоделски трендови за да може да постигне поголеми приноси и поголема заработувачка.

-За да бидеш успешен и конкурентен во земјоделско производство, треба да ги следиш  современите трендови. Треба да знаеш да се организираш со наемните работници за работата  да тече, да следиш нови и поефикасни начини на производство, нови современи средства за прихрана , средства за заштита, едноставно да се едуцираш, а не да зборуваш – јас си знам по старо и тоа е доволно. Зошто се’ се движи напред во земјоделското производство во светот и мора да си во тек. Сепак земјоделието иако е  тешка работа, носи добар и мирен живот, вели Али.

Според него се повеќе граѓани кои живеат во селските средини и покрај тоа што имаат работа во државни или приватни фирми, сепак се одлучуваат и за земјоделие, особено за производство на тутунот, каде што сега според условите на пазарот има најдобра заработувачка.

-Лани и јас за прв пат насадив тутун на површина од 15 декари и задоволен бев од откупната цена, годинава  ја зголемив површината  на 20 декари , но заради временските непогоди очекувам за нијанса послаб квалитет, тутунот се навали поради силните ветрови и дождовите. Но, како и да е, се надеваме на добро, работиме тутунот го бериме и го сушиме во сопствени сушари, вели нашиот земјоделец.

Најголемиот дел од нивите Али ги сади со пченка и вели дека е задоволен од производството и пласманот. Порачува дека зголемувањето  на домашното производство на пченка може да се постигне со употреба на нови технологии и примена на современи земјоделски практики.

-На 7-8 хектари површина садам пченка, зошто е најисплатлива, носи поголеми приноси и подобра заработувачка. Во Македонија има недостиг од пченка, такашто нашето производство лесно можеме да го пласираме, за храна во живинарските фарми. Точно е дека пченката бара повеќе работа при производството за разлика од пченицата, бара повеќе наводнување и третман, но нашите ниви се приклучени на хидросистемот „Стрежево“, така што наводнувањето не е проблем, комплетно сме опремени и за тоа вели Али, кој заедно на нивите со пченка произведува и грав од стари македонски сорти.

Во семејството Али во битолско Кравари,  од секогаш се одгледувале крави, но млечната криза ги примора овие фармери да ја продадат стоката и да се откажат од производството на млеко.

Али раскажува дека неколку години после пропаѓањето на „Сведмилк“ каде му останале  неиплатени околу 1, 2 милиони денари за преденото млеко решил  да ја продаде стоката и да затвори фармата.

-Цел живот дедо ми и татко ми работеа на фармата. Во најдобрите времиња имавме 30 молзни крави и дневно производство од 600 литри млеко. Но кога пропадна „Сведмилк“ другите млекарници не уценуваа  и за нас како кооперанти ја срушија откупната цена. Така нашето млеко се откупуваше по 10 денари по литар, за разлика од цената од 15 денари колку што млекарниците им ја плаќаа на своите долгогодишни кооперанти. Ситуацијата стана неиздржива и ги продадовме кравите, раскажува Али за „Зелена берза“.

 

автор „Зелена берза“

 

 

Share Button