Зголемен интерес за подигање на евидентни листови за тутунопризводство во Прилеп
Зголемен е интересот за подигање на евидентни листови, т.н бели картони за производство на тутун. Ова денеска го потврдија од ПЕ на Министерството за земјоделство и шумарство Прилеп.
Како што истака овластениот раководител Зоран Пачешкоски, за седум дена се издадени 2.800 бели картони, а со оглед дека почнале малку подоцна издавањето ќе трае до крајот на следниот месец.
– Според динамиката очекуваме до крајот на рокот да бидат издадени над 12.000 евидентни листови, или повеќе од 2.000 во однос на претходната година. Тутунарите според ова би требало со тутун да засадат од седум до осум илјади хектари, а тоа би значело 12 до 13 милиони килограми производство само во прилепскиот регион – вели Пачешкоски.
Потенцирајќи ја зголемената сума за исплата на субвенции, тој посочи дека се работи на донесување на нов закон за тутун и тутунски производи што би значело подобрување на производството.
– Од наредната година ќе се укине поднесувањето евидентни листови и тутунарите директно ќе можат да потпишуваат договори со откупувачите и на тој начин ќе биде олеснета процедурата. Ланската реколта беше една од најдобрите и се постигна повисока просечна откупна цена од 217 денари – додаде раководителот на ПЕ на Министерството за земјоделство и шумарство Прилеп, истакнувајќи дека Владата и Министерството останувале фокусирани на развојот на производство на квалитетен тутун.