Зголемен интересот за органско лозарство во Тиквешијата

(Oвој напис е објавен на: February 23, 2017)

Во реонот на селата Ресава, Бегниште, Фариш, Крушевица, Вешје и Барово во плодната Тиквешија се наоѓаат првите насади со органско лозарство. Интересот на лозарите за органско лозарство сѐ повеќе се зголемува, што се потврдува и со податокот дека се регистрирани повеќе од 40 хектари на кои се застапени винските сорти грозје: вранец, рајнски ризлинг, станушина и смедеревка. На една четвртина од насадите со органското лозарство се застапени трпезните сорти мускат италија и викторија.

zgolemen interesot za organsko lozarstvo vo tikveshijata

 

Зголемениот интерес на земјоделците за органско лозарство, вели Горан Колев, претставник од сертификациското тело „Процерт“, се должи на позитивното искуство со кое се стекнаа лозарите што се пионери во органското производство, како и добиените приноси. Втората компонента, вели Колев, е ефектот од употребата на органски препарати што се достапни во сите земјоделски аптеки.

Во Тиквешијата има значаен број на лозари што користат органски препарати а немаат сертификат. Нивното позитивно искуство можат само да го дополнат со алката што им недостига, а тоа е органското ѓубре, кое исто така го има на пазарот и многу лесно можат да преминат целосно во органско производство. Значаен е и податокот дека во Кавадарци и малите винарници покажуваат интерес за органско производство. Годинава ја имаме првата сертифицирана винарница „Џи ЕМ ЕН“, позната како винарница „Наумчеви“, која ги произведе првите количества органско вино.

Значајна поволност што ја добиваат земјоделците што практикуваат органско земјоделство се субвенциите, кои се зголемени за 70 отсто, и наместо 40.000 по хектар, колку што добиваат редовните производители, за органско сертифицирано лозарство од оваа година се добиваат 68.000 денари по хектар.

Дополнителна поволност е што Министерството за земјоделство субвенционира 50 отсто од трошоците во процесот за сертифицирање за да ги поттикне уште повеќе земјоделците да се свртат кон органското лозарство.

– Изразито подобно подрачје за органско лозарство во Тиквешијата е најстариот лозарски регион познат како Овчка Река, каде што нема системи за наводнување. Таму се исполнети основните услови: насадот да е на повисока надморска висина, со помал притисок од болести и многу помала заштита, поради отсуството на системи за наводнување при резидбата се редуцираат приносите и, на сметка на квантитетот, се добива многу подобар квалитет на грозје – вели Горан Колев.

Во Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството во Кавадарци веќе се закажани првите бесплатни обуки за заинтересираните мали групи лозари што сакаат да го практикуваат органското лозарство. Ваквите бесплатни обуки ќе се одржуваат сѐ додека има интерес од страна на лозарите.