fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Министре Николовски! Договорете реални и повисоки цени по класи на тутунот во спротивно ударот по тутунарите ќе биде удар врз државата

Реакција на изјавата на министерот Николовски за тутунот од Новоформирани тутунски здруженија

Реакција на изјавата  на министерот за земјоделие  Љупчо Николовски

Господине Николовски ќе ве замолиме ЈАВНО да прекинете да не убедувате нас тутунарите дека ни цветаат рози и дека вие како власт се грижите за нас. Вашата грижа за тутунарите ја покажавте и со вашата последна посета во Прилеп каде се скривте и не најдовте време да се сретнете со вистинските тутунари кои ќе ви ја кажеа вистината за тутунопроизводството во овие неколку години дирекно во очи. Затоа ќе ја искористиме оваа прилика да ви ја објасниме вистината за тутунопроизводството: Вие во интервјуто се „фалите“ дека сте го промениле Законот за тутун, па почитуван – дали знаете дека точно тој закон е генератор на сите проблеми овие години?

Се фалите со највисоки просечни класи од 2017 год.наваму и ние тутунарите треба да бидеме среќни? Па дали сте свесни каде се отидени цените на сите производи и репроматеријали од 2017 година наваму? Дали знаете дека 2012 год. имавме просек од 180 ден. кои според вредноста денес просекот требаше да биде 394 ден. за да можеме да ги купиме истите производи! Па вие самите министре кажувате во стратегијата за тутун 2021-2027 дека за 2018 година производната цена на килограм тутун е 169 денари, а имавме просечна цена од 214 денари или заработка од 44 денари на килограм. За реколта 2019 година производната цена за кг. тутун е 179 денари со постигната просечна цена од 220 денари или заработка од 41 денар.

За реколта 2020 година просечна производна цена за килограм тутун е 195.5 денари, а просечна откупна цена е 159 денари значи ЗАГУБА од 36.5 денари. А за оваа тековна реколта  просечната производствена цена за килограм е 217 ден. со постигната просечна цена од 197 денари што значи ЗАГУБА од 20 денари. Па ве прашуваме, каде е заработката на тутунарите ?

Но математиката е немилосрдна! А грижата за тутунарите од страна на државата се гледа и во фактот што за реколта 2020 имавме околу 28 милиони кг. производство, а оваа година ќе имаме едвај 18 милиони.

И затоа јавно ве повикуваме и ви укажуваме: Ако навистина мислите да им помогнете на тутунарите, имате уште 15 тина дена до почетокот на склучување на новите договори, да седнете сериозно со откупувачите и со таканаречениот претставник на тутунарите Сојуз на земјоделски здруженија и да договорите реални и повисоки цени по класи на тутунот бидејќи доколку тоа не го направите, тутунот ќе замине од нашите полиња, а тоа нема да биде удар само врз тутунарите, туку и врз државата. И да направите покачување и израмнување на субвенциите за сите класи на 90 ден! Само на овој начин ќе им помогнете на тутунарите и на тутунопрлизводството во Македонија,а се друго е само ветер во магла и чиста демагогија!

Со почит Новоформирани тутунски здруженија.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close