Земјоделците се свестија се повеќе ги осигуруваат имотите
Земјоделското осигурување зголемено за 15 отсто во првите пет месеци од 2024 година
Според Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО), во првите пет месеци од 2024 година е забележан раст на осигурувањето на земјоделски имот од 15 % во споредба со лани. Поддршката за земјоделците и осигурувањето на земјоделските имоти во осигурителните компании се исклучително важни, со цел зајакнување на отпорноста во земјоделскиот сектор.
Глобалното затоплување, константните температури над 40 Целзиусови степени, се сигнал дека осигурувањето е повеќе од потреба и дека не треба да има дилеми дали е потребно или не.
Од друга страна, тековните пожари се само потсетник за важноста на осигурувањето и за виталната улога што ја има не само за домовите туку и за сите видови имоти (меѓу кои се и земјоделските поседи).
Во време кога е зголемен ризикот, осигурувањето е клучно средство за заштита на имотите и за егзистенцијата на секој човек, компанија, земјоделска задруга или земјоделец индивидуалец, независно од областа на професионалното дејствување.
Земјоделството е особено подложно на надворешните услови и токму затоа е важно да се осигурат производствените капацитети за да се заштитат од неизвесната иднина.
Осигурувањето не е само трошок туку е инвестиција во сигурноста и стабилноста, како во работата така и во животот.