На плоштадот „Методија Андонов-Ченто“во Прилеп, започна десеттото издание на манифестацијата „Денови на медот“. Манифестацијата за отворена ја прогласи градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски. Од оваа локална самоуправа доаѓа најголемата поддршка за функционирањето на Здружението на пчелари „Братство“кое е организатор на манифестацијата.
„Сакам да ве поздравам, да го поздравам одржувањето на овој 10-ти јубилеен фестивал на медот, кој и годинава како и минатите години ќе биде на располагање и на задоволство граѓаните. Сето она што го произведувате како пчелари ќе им се понуди на граѓаните, а сите добро знаеме дека производите на мед живот значат, бидејќи тој не е само храна туку се користи и како лек. Локалната самоуправа како и многу други здруженија, финансиски го подржува овој настан. Токму на ова здружение му овозможивме нови простории во старата општина, за што подобро функционирање на здружението“, изјави градоначалникот Јованоски.
На овој настан со пчелини производи се претставуваат 13 производители на мед.
„Манифестацијата ја организираме со цел да се промовираат пчелните производи и медот до нашите потрошувачи. Пчеларското здружение ‘Братство’ постои од 1958 година, брои околу 100 членови и е едно од поактивните во државата“, посочи Љупчо Ѓорѓиоски, претседател на пчеларското здружение „Братство“.