fbpx
ВестиТоп вести

Одливот на мозоци заврши, останува уште одливот на работници

Одливот на мозоци заврши, останува уште одливот на работници

Според проценките на Коалиција на младински организации во повеќето градови во земјава и до педесет проценти од младите се иселени. Иднината не е само во Скопје, порачаа младите од Битола на Саемот за кариера.

 

Ако до пред пет години младите заминуваа во странство претежно поради невработеност, денес мигрираат во потрага по поквалитетен живот, вели Зоран Илиевски од Коалиција на младински организации. Според нивни проценки, во повеќето градови во земјава и до педесет проценти од младите се иселени.

„За жал, процесот на миграција добива во подем. Намалувањето на тој процес бара системско решение. Главната причина за миграцијата на младите останува квалитетот на живот. Прво да се подобрат условите за живеење, стандардот, образованието и вработувањето. Бизнис секторот да ги подобри условите за работа, да ја покачи нето плата и неопходен е систем на трансформација од образование до вработување. Ова го зборуваме десет години, но факт е дека ништо не е постигнато. Имаме енормен раст на високообразовани кадри кои не се соодветни со потребите на бизнисот, завршиле факултет немаат каде да се интегрираат и заминуваат. Одливот на мозоци веќе е завршена приказна, останува да се случи уште одливот на работници“, вели Илиевски.

На социјалните мрежи во последно време се попопуларна станува иницијативата „Сакам да останам“, покрената против миграцијата.

„Ова е здружение на граѓани иницирано од граѓани ентузијасти кои сакаат да останат тука. Сакаме да ги подобриме условите на младите и на сите останати кои живееме и придонесуваме тука за едно подобро утре. Има млади луѓе кои сакаат да останат“, вели Каролина Стојчевска од „Сакам да останам“.

Од Младинскиот културен центар од Битола веќе четири години со ред организираат Саем за кариера со цел младите кадри да најдат вработување во домашните компании. Сашо Додовски од МКЦ вели дека за Битола проблем е миграцијата во Скопје.

„Наша интенција во изминатите десет и повеќе години беше да ги задржиме младите овде, односно да влијаеме на таканаречената внатрешна миграција со која најголемиот дел од младите, посебно оние високообразованите заминуваат во Скопје. Секако дека постои и надворешна миграција, но внатрешната миграција е алармантна. Сакаме да покажеме дека иднината на оваа држава не е само главниот град Скопје, туку дека лежи во силни региони“, рече Сашо Додовски од МКЦ.

Веќе со години државата го спроведува процесот на децентрализација, а постојат и плански региони кои реализираат проекти за порамномерен регионален развој.

„Само кога дисперзирано до најмалата општествена клетка ќе го развиваме претприемачкиот дух ќе имаме суштински развој на нивно на држава, што не би значело централизација или она што го кажуваме се почесто во изминатиот период дека сè се случува во Скопје“, вели битолската градоначалничка Наташа Петровска.

 

Жанета Здравковска

Радио Слободна Европа

 

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close