700 илјади евра ќе легнат на сметката на Сојузот – тутунарите бараат вистинска заштита за секој договорен, произведен и предаден килограм тутун, анализа на Игор Мирчески
Сојузот постојано се соочува со лажна дилема: дали да застане зад тутунарите, поради кои постои, или зад политичките структури кои му ја овозможуваат функцијата.
700 илјади евра ќе легнат на сметката на Сојузот – тутунарите бараат вистинска заштита за секој договорен, произведен и предаден килограм тутун, пишува во најновата анализа Игор Мирчески, добар познавач на состојбите во тутунопроизводството.
Како долгогодишен производител на тутун, учесник и еден од организаторите на протестите на тутунарите во 2020/2021 година, како и редовен читател на порталот „Зелена берза“, континуирано ги следам состојбите во тутунскиот сектор. И во периодот на претходната, и во времето на актуелната власт, може да се констатира дека суштински промени во тутунската политика – ниту во односот на државата, ниту кај откупувачите – речиси и да нема.
Со измените на Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи од 2019 година беше направен сериозен политички интервенционизам, чии последици и денес се чувствуваат. Последните измени, усвоени од актуелната влада пред неколку месеци, во најголем дел претставуваат козметички корекции, без суштинско подобрување на позицијата на тутунопроизводителите.
Тутунарите не се маргинална или безначајна категорија земјоделци. Станува збор за бројна и економски значајна група која со децении го одржува тутунопроизводството како една од најважните индустриски гранки во земјава. Поради тоа, политичкото поигрување со нивните интереси не смее да продолжи. Во изминатите години, без оглед која политичка опција е на власт, се повторува истата пракса – поставување партиски кадри во највисоките органи на тутунарските асоцијации, пред сè во Сојузот.
Наместо да бидат независен и силен глас на производителите, овие тела сè почесто функционираат како продолжена рака на политиката. Доколку државата навистина има стратешка намера да го зачува тутунопроизводството, ваквата пракса мора да престане. Тутунската политика е исклучително чувствителна област, како на домашен, така и на меѓународен план, и не дозволува импровизации, аматеризам или политичка сервилност.
Незадоволството кај тутунарите континуирано расте.
Производителите со години плаќаат членарина за институционална заштита која, во пракса, изостанува. Наместо активен преговарач, добиваат пасивен набљудувач. Наместо заштитник – противник.
Сојузот постојано се соочува со лажна дилема: дали да застане зад тутунарите, поради кои постои, или зад политичките структури кои му ја овозможуваат функцијата.
Во реалноста, изборот најчесто е на страната на личните и партиските интереси, на штета на илјадници семејства кои егзистираат од тутунот.
Последиците се сериозни.
Тутунарите остануваат без институционална поддршка, додека откупните компании, без ефикасен надзор и без отпор, ја диктираат динамиката на откупот, класите и одбитоците. Ова не е само системски пропуст, туку сериозен удар врз довербата на производителите.
Во последниот период, претседателот на Сојузот, Кире Ристески, бурно реагира на јавно искажаниот револт на тутунарите, кои преку медиуми и свои здруженија укажуваат на проблемите во откупот. Наместо аргументиран одговор, секоја критика се доживува лично, а преку соопштенија се поставуваат прашања до неистомислениците – прашања кои, по својата природа, се од доменот на надлежностите на самиот Сојуз и неговото раководство. Ова основано отвора сомнеж дали Сојузот и неговото раководство целосно ја разбираат својата улога и обврска кон тутунопроизводителите.
За да се отстранат сите дилеми, во интерес и на тутунарите и на јавноста, потребно е јавно да се објави решението на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со реден број, со кое се дава согласност за застапување на тутунарите за актуелните две реколти. Несвојствено е државата да додели ваква улога на асоцијација која јавно бара одговори на прашања што се директно во нејзина надлежност, и тоа преку социјалните мрежи. Непостоењето на ваква транспарентност создава сомнеж дека производителите се оставени без реално институционално претставување.
Дополнително, откупувачите, со поддршка од Сојузот, во јавноста пласираат теза дека проблематичен за откуп е тутунот берeн во доцна есен, наводно поради недоволна исушеност и висока влажност. Овие тврдења се демантирани од самите тутунари, кои преку видеа и јавни реакции укажуваат дека и т.н. „летен тутун“ се откупува со класи и зголемени одбитоци. Ова е во директна спротивност со изјавите дека летниот сув тутун се откупува исклучиво во прва класа и без одбитоци.
Таквата состојба создава оправдан револт и логично прашање кај производителите: дали Сојузот ги штити тутунарите или откупувачите?
Во рамки на оваа реколта, на сметката на Сојузот ќе се слеат околу 700 илјади евра, средства што директно произлегуваат од предадениот тутун на производителите. Поради тоа, барањето за вистинска, активна и недвосмислена заштита на секој договорен, произведен и предаден килограм тутун е повеќе од оправдано.
Овој текст нема цел да персонализира вина, туку да укаже на реалната состојба во тутунскиот сектор и на потребата од итни, одговорни и транспарентни решенија, во интерес на тутунопроизводителите и на одржливоста на оваа важна земјоделска гранка.
Игор Мирчески




