
Од фармата на семејството Фејзула во Тетово, Хоџа: Зголемувањето на домашното производство останува приоритет
Семејни фарми

Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Албрим Хоџа, оствари работна посета на фармата на семејството Фејзула во Тетово, каде одблиску се запозна со разновидните земјоделски и сточарски активности што се реализираат на ова семејно стопанство.
За време на посетата беа презентирани производствените капацитети и инвестициите реализирани низ годините, а се разговараше и за можностите што ги нудат програмите за поддршка на понатамошниот развој на семејните фарми.
Хоџа истакна дека семејните фарми имаат значајна улога во зголемувањето на домашното производство и развојот на руралните средини, нагласувајќи дека институциите треба да бидат на терен и во постојана комуникација со земјоделците.
„Преку мерките за поддршка и инвестициите во земјоделството, продолжуваме да го зајакнуваме домашното производство, да ги поддржуваме инвестициите во фармите и да создаваме повеќе можности за младите кои сакаат да се занимаваат со земјоделство“, изјави Хоџа.
Тој додаде дека зголемувањето на домашното производство останува еден од главните приоритети на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
На крајот од посетата, Хоџа му се заблагодари на семејството Фејзула за гостопримството и придонесот во развојот на домашното земјоделство.




