fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Богоја Клекачкоски-Боце: На земјоделието му недостига гарантирано производство со однапред одредена цена

Државата мора да им помага на младите да продолжат со земјоделие и со сточарство, со тоа што ќе ги сноси трошоците за социјално осигурување, вели искусниот земјоделец. 

Богоја Клекачкоски-Боце (75) од селото Кривогаштани, Пелагонија, е дипломиран инженер агроном во пензија кој израснал во земјоделско семејство и сиот свој работен век го посветил на земјоделието. Цели 33 години, од самото формирање бил дел од раководниот тим на ЗК „Прилеп“, а напоредно работел и на својот имот во Кривогаштани, како производител на земјоделски призводи. По пензионирањето Богоја е регистриран земјоделец како дополнителна дејност.

Дворот во семејната куќа на Богоја во Кривогаштани не е само парче имот, туку мини фарма  во која се отсликува неговата трудољубивост, љубовта кон животните, грижата и неговиот капацитет за водење на земјоделско стопанство.

-Потекнувам од земјоделска фамилија, од дете сум со земјоделието, а и моите родители ме школуваа од земјоделие. Така што земјоделието напоредно со сточарството ми е слаба точка, ја започнува својата приказна за „Зелена берза“, Богоја.

Образованието и искуството одат рака под рака

Во последните години, Богоја обработува 3,5 хектари сопствено земјоделско земјиште засеано претежно со житарици (пченица, јачмен), како и помали површини со пипер. Најголем дел од произведеното го користи за храна за стоката во сопствената фарма, а остатокот го продава. На својот имот чува прасиња, кози од типот Алпина, расни кокошки. Кај него образованието и искуството „одат рака под рака“, па позитивните резултати се неизбежни. Врз неговото искуство и советите се потпираат и други соселани со шанса да произведат што повеќе и што поквалитетно.

-За семе за пченицата исклучиво користам прва репродукција и добивам високи приноси, од  6 до 8 тони по хектар. Што е двојно повеќе од просекот во државата. Садам со примена на стручни знаења, што значи од орање, до сеење, ѓубрење. Науката ја применувам заедно со праксата и затоа имам резултати. Моето искуство го споделувам со земјоделците од Кривогаштани и околните села, Обршани, Житоше… колку што можам им помагам во однос на сортимент, заштита особено во градинарството, вели Богоја, додавајќи на шега дека ако бил правник- адвокат убаво ќе наплатувал за советите, а вака земјоделците имаат стручни совети бакшиш.

-Доволно е што ме ценат како човек нашите земјоделците, зошто земјоделието секогаш треба да се помага, ама за жал нашата држава не го помага, вели нашиот соговорник.

Според Клекачкоски на македонското земјоделие му недостига гарантирано производство со однапред одредена цена.

-Земјоделецот од самиот почеток на производство има големи трошоци. За семе кое е многу скапо, за орање, за ѓубриво, за целокупната подготовка. Јас кога ќе знам на кого ќе му го дадам родот и по која цена ќе биде подруго. Значи мора да има гарантирано производство со одредена цена, а не жетвата да ја жнееме, а да не ја знаеме цената на родот. Житото не смее да биде под 12 денари за килограм, зошто никој не го пресметува транспортот, вреќите. Туку е и ненавременото плаќање, што за мене е крајно е неприфатливо. Субвенциите доцнат, и севкупно ситуацијата е тешка за земјоделецот, смета Богоја.

Сточарството веќе не се исплатува

Одгледувањето на стока, веќе не е доходовно за фармерите, трошоците растат, а добивката е сведена на минимум.

-Земјоделецот е во небрано, а да не зборуваме за сточарите. Сточарството се уништи, не е рентабилно. Цента на млекото е катастрофа и не смее да биде пониска од 20 денари по литар. Стока има се помалку и помалку. Еве на пример порано сламата се користеше како нус производ за сточарството, и со тоа ние како фармери ќе покриевме дел од трошоци за жетвата, ама сега стока нема и затоа сламата ја ситниме на комбајнот и ја оставаме по нивите, смета Богоја.

Државата мора да им помага на младите да продолжат со земјоделие и со сточарство, со тоа што ќе ги сноси трошоците за пензиско и здравствено осигурување, вели искусниот земјоделец.

-Младите не сакаат да работат земјоделие, а старите веќе се остарени. Младите се разочарани, а ако тргнеме по нивите ќе видиме дека сликата е опасна, само старци. Младите бараат пари, ама во земјоделието пари нема од почеток, треба да сработиш па да земеш. Државата мора да ги мотивира младите со што на секој еден кој ќе ја обработува земјата или ќе чува стока да му плаќа пензиско и здравствено осигурување, како да се вработени. Само така ќе ги задржиме овде да не се иселуваат и ќе работат како фармери, порачува Богоја, кој е член на ЗЕЗ „Зелена берза“ и корисник на Зелена агро картичка.

 

Анета Блажевска

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close