Трипуновски: И по 5 години чекаат субвенции и отштети земјоделците од Стајковци, од Ресен, од Тиквешијата
Родот на земјоделците скапува на нивите
Интегрален текст од изјава на Цветан Трипуновски, претседател на Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство
-Шест години СДС во земјоделството, 6 години пропаст и разочарани земјоделци. Сега повеќе од било кога порано од државата си заминуваат земјоделците.
Државната земја наместо на вистинските земјоделци ја дадоа на блиски луѓе кои истата не ја работат, а користат субвенции.
Овчеполието, Пелагонија и другите земјоделски региони се со празни ниви. Тие ниви се дадени во посед на луѓе блиски до власта и не се обработуваат.
6 години нема поголемо производство, и тоа што ќе се произведе нема каде да се продаде.
Во Македонија на нивите скапува храна. И внимавајте, скапува храна кога храната во светот поскапе и до 50%. Кај кого е вината? Кај земјоделците сигурно не е.
Во буџетот за 2023, како гломазен нема предвидено ниту средства, ниту има стратегија како ќе се реши проблемот со пласманот на земјоделските производи.
Доколку власта е неспособна да организира продажба надвор од државата, тогаш може да обезбеди откуп од нивите и барем во рамки на Република Македонија народот да плаќа поевтин зеленчук и овошје.
Сега како што е народот плаќа скапа храна. Произведеното од земјоделците скапува на нива, а на пазарите и маркетите има скапа увозна храна, овошје и зеленчук.
Буџетот за земјоделие за 2023 година, со која власта денес се фали ќе заврши во џебот на луѓето околу Николовски, Ковачевски и Ахмети, но не и кај вистинските земјоделците.
Нема пари за исплата на заостанатите субвенции, нема пари за инвестиции во земјоделството, нема пари за инвестиции во водостопанството, ниту за исплата на штетите од временските непогоди во изминативе неколку години.
Земјоделците од Стајковци, од Ресен, од Тиквешијата од цела Македонија и по 5 години чекаат субвенции и надомест на штети на своите посеви и насади.
Ќе чека и Екрем од Арачиново, ќе чека и Трајче од Струмица, затоа што Љупчо Николовски и Димитар Ковачевски заедно заедно со Али Ахмети имаат други приоритети, но не и решавање на реалните проблеми.