Водата може да поскапи до 29,5 денари месечно
Дали граѓаните ќе можат да ја плаќаат?
Регулаторна комисија за енергетика, согласно методологијата за утврдување на цената на водата, определи минимален и максимален износ на цена на водата во Скопје, соопшти денеска првиот човек на комисијата Марко Бислимоски.
– Донесена е одлука за минимална и максимална тарифа. Постојната тарифа е 31,87 денари. Минимална тарифа се утврдува на 31,51 денари поради помошта која ја добиваат за пониска цена на електричната енергија, а максималната тарифа е утврдена на 34,82 денари. Јавното претпријатие „Водовод“ има три опции за утврдување на цената. Според едната тоа може да утврди цена еднаква на минималната или максималната или да одберат некоја средна цена. За таа цена треба да одлучи советот на Град Скопје – појасни Бислимоски.
Пресметките на регулаторите sе дека ако ЈП „Водовод“ ја утврди цената на максимално предложениот износ тогаш граѓаните ќе добијат за 29,5 денари повисоки сметки месечно.
– Тоа не е голема сума на пари и граѓаните ќе можат да ја плаќаат. Но советот на Град Скопје може да донесе одлука за цена на ниво на минималната цена и тогаш граѓаните ќе имаат поевтина вода – рече Бислимоски.Целиот процес од предложена цена на водата од ЈП „Водовод“ до советот на Град Скопје и конечната одлука за цената треба да заврши за 150 денови.
Бислимоски рече дека барањата за повисока цена на водоводните услуги јавните претпријатија ги правдаат со зголемените трошоци за струја кои ги пресметувале според берзанската цена на струјата, но поволност е тоа што тие добиле и субвенционирана цена на струјата. Бислимоски рече и дека јавните водоводни претпријатија во општините ќе треба да ги намалат загубите во системот за вода кои на ниво на земјата изнесуваат алармантни 64%, но и да ги намалат трошоците во работењето.
– Ние не признаваме неоправдани трошоци, туку економско оправдани трошоци. За струјата трошокот е оправдан, но претпријатијата мора да размислуваат да ги намалат другите трошоци, како на пример превработеноста, но и да ги намалат загубите во системите кои се пресметуваат на 64’% што е алармантно, бидејќи само 35 отсто од расположивата вода доаѓа до граѓаните – рече тој.
Барања за промена на цената на водните услуги до Регулаторната комисија за енергетика доставиле и претпријатијата од Кочани, Ресен и Дебар за кои дополнително ќе одлучува Регулаторната комисија.