fbpx
Агро бизнисБез категоријаВести

Вранецот е сорта која има најдобар потенцијал за препознатливост на македонското вино

Светскиот ден на вранецот е манифестација која е востановена пред пет години по иницијатива на здружението „Вина од Македонија“, а во соработка со регионални здруженија и винарници.

Оваа година Светскиот ден на вранецот се одбележа со меѓународната конференција, која по јубилеен петти пат се одржа во М6 Едукативниот центар во Скопје, по што следуваше вински салон на кој љубителите имаа можност да дегустираат вина од сортата вранец, која е гордост на македонската винска индустрија.

Досегашните настани и промоции вродија со плод. Имено, настаните го привлекоа вниманието на винските новинари и организатори на вински натпревари и затоа, оваа година во декември за прв пат ќе се одржи натпревар „Vranec Selection“ во рамки на познатиот натпревар „Concours Mondial de Bruxelles“.

„По само пет години ги гледаме првичните плодови од заедничката работа – значајно е зголемен извозот на македонско вино, а подобрена е неговата вредност како резултат на пласманот на флаширани вина со висок квалитет. Но, сето ова е само дополнителна мотивација да продолжиме да работиме на зголемување на квалитетот на грозјето и на вината, и на создавање свест за компаративните предности на нашето вино, правејќи го препознатливо и присутно на странските пазари“, рече претседателот на „Вина од Македонија“, Светозар Јаневски, истакнувајќи дека „токму вранецот е сортата која го има најдобриот потенцијал за исполнување на оваа мисија – тој е своевиден амбасадор на нашиот регион во винскиот свет, бидејќи, покрај другото, ги обединува интересите на винските индустрии во земјите на Западен Балкан“.

На годинешната конференција по повод Светскиот ден на вранецот се одржаа научни презентации од страна на Алан Делоар од Франција, Џовани Бигот од Италија и Клемен Лисјак од Словенија, кои се засновани врз научни анализи и податоци за основните карактеристики и предности на вранецот, при што, покрај другото, беше истакнато дека поради својата природна отпорност, вранецот има потенцијал за соочување со климатските промени и за проширување во други вински подрачја, вон нашиот регион.

На панел дискусиите своите искуства за пласманот на виното на странските пазари ги презентираа претставници на значајни винарници и вински дистрибутери, додека енолозите кои секојдневно работат и креираат вина од вранец споделија интересни видувања од аспект на производството и предизвиците со кои се соочуваат во својата работа.

Настанот беше поддржан од Министерство за шумарство и водостопанство и пред учесниците на конференцијата се обрати и Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

„За нас како Министерство и Влада, лозарството и винарството се едни од најважните сектори. Низ сите овие години тоа повеќе пати и во дело сме го докажале, посветувајќи сериозно внимание, креирајќи мерки и политики за поддршка и развој на лозарството и винската индустрија, како и силна домашна и меѓународна промоција на нашето убаво македонско вино. Мерките кои сите овие години заедно ги создаваме за развој на овие два сектора веќе ги даваат своите резултати. Тоа се факти и бројки со кој треба да се гордееме. Македонското вино се искачи на 13 место во светот по остварен девизен прилив од извоз на вино. 13 земја во светот во натпревар меѓу многу поголеми земји е за голема почит. Ова е нашата најголема национална гордост, најголемо признание за сите мерки и политики кои беа преземени во изминатиот период“, изјави министерот Николовски.

Здружението „Вина од Македонија“ во изминатите пет години иницираше и спроведе неколку значајни проекти со цел развој и промоција на македонското вино и негово соодветно позиционирање. „Иницирани се значајни проекти за меѓународно препознавање на вранецот и негово позиционирање на светскиот вински пазар. Основана е асоцијацијата Балкански вина со поддршка од ФАО и ЕБРД, дефинирање на стратегијата за лозарство и винарство, а со поддршка на Германската агенција за меѓународна соработка (GIZ) и програмата DeveloPPP започнат е значаен проект за дефинирање на Географски Ознаки и поконкретно развој на Тиквешкиот регион како најзначаен вински регион во државата”, изјави Елена Младеновска Јеленковиќ, извршен директор на Здружението.

Иако се смета дека вранецот потекнува од Црна Гора, а го има во сите земји во регионот, оваа сорта е најзастапена во нашата земја, со околу 50-ина проценти од вкупните лозови насади и со речиси 70% од црвените сорти. Од него се произведуваат суви вина со единствен, препознатлив вкус и карактер кои се синоним за балканскиот регион. Вината произведени од вранец се меѓу најнаградуваните македонски вина на најголемите и реномирани светски вински натпревари.

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close