АХВ: Храната на пазарите редовно се контролира, не купувајте млечни производи од тезга

Од Агенцијата за храна и ветеринарство потврдуваат дека на пазарите редовно се вршат инспекциски контроли и оти засега нема поголеми отстапувања. Доколку се утврди нешто сомнително се вршат дополнителни инспекциски контроли

Потребни се засилени инспекциски контроли во објектите каде се продаваат јајца, месо, риба, млеко и млечни производи. Граѓаните сметаат дека производите кои во летниот период најлесно се расипуваат, треба да бидат предмет на засилен надзор на надлежните за да не се случат несакани појави како зарази или инфекции.
Надлежните советуваат граѓаните да бидат внимателни од каде ги купуваат производите и дали се чуваат во соодветни услови. Пазарите да се посетуваат за купување главно на овошје и зеленчук, а свежото месо, млечните и сувомесните производи се купуваат главно во маркетите и да се внимава на роковите на употреба.
Пазарџиите уверуваат дека производите кои ги продаваат се безбедни за консумирање, а во летниот период контроли редовно се вршеле.
– Јајцата ги чуваме во фрижидер, овие на тезга се само за да се види големината на јајцето и цената. Летно време набавувам помала количини за побрзо да се потроши. Оние јајца кои стојат подолго време и покрај тоа што ги чувам во фрижидер се враќаат кај производителот, вели една продавачка на јајца на тезга на Зелен пазар.
Таа ги уверува потрошувачите дека не значи ако јајцата се продаваат на тезга дека не се безбедни. Производите кои се продаваат на пазар се безбедни за консумирање, а во летниот период редовно се вршат контроли.
Меѓутоа има и неодговорни продавачи кои продаваат млечни производи, благи производи, кифли, вафли и друга лесно расиплива храна на отворено во продавниците и на импровизираните тезги.
– Летно време купувам само овошје и зеленчук, а месо и сувомесни производи избегнувам да купувам воопшто, а не пак на пазар, вели една купувачка на пазар.
И другите купувачи кои ги сретнавме на пазар претежно купуваа овошје и зеленчук и велат дека летно време од пазар не се купуваат производи кои се расипуваат.
– Дома на тераса ќе заборавам нешто се расипува, а не пак овде на отворено на тезга храна да купувам. Избегнувам да купувам било каква храна. Само зеленчук. Месо, јајца и млечни производи никако, вели еден потрошувач.
Покрај тоа што купувачите се освестени и знаат дека во летниот период не треба да внимаваат на цената, туку на квалитетот на производите и од Агенција за храна и ветеринарство потврдуваат дека на пазарите редовно се вршат инспекциски контроли.
– На пазарите редовно се вршат инспекциски контроли. Засега нема поголеми отстапувања. Доколку се утврди нешто сомнително се вршат дополнителни инспекциски контроли, велат од АХВ.


 

vecer

Share Button