Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

АХВ ја чешла тетовската млекарница, се чекаат резултатите од лабораториите

Инспекторите земале мостри од млечни производи и брисеви од опремата, работните површини и вработените. Оваа година од пратки вратени од Косово се уништени вкупно 2.240 килограми производи, а косовските и македонските анализи во дел од случаите покажале различни резултати.

Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) минатата недела спровеле вонреден инспекциски надзор во тетовската млекарница, чии производи се најдоа под лупа на косовските ветеринарни власти поради утврдено присуство на бактеријата ешерихија коли во претходни пратки.

При контролата биле земени мостри од млечни и композитни производи, како и брисеви од работните површини, опремата и вработените. Примероците се испратени во две независни лаборатории, но резултатите сè уште не се пристигнати.

-Во рамки на вонредната контрола во млекарницата земени се мостри од млечни и композитни производи, како и брисеви од работни површини, опрема и од вработените лица кои се дадени на тестирање во две независни лаборатории, чии резултати АХВ сè уште ги нема добиено- информираат од Агенцијата.

Случајот се актуализираше на почетокот на ноември, кога косовските ветеринарни власти донесоа одлука за забрана на увоз на производи од тетовската млекарница, поради присуство на ешерихија коли во пратки со млечни и композитни производи. Во меѓувреме, од Косово беа вратени две пратки со вкупно 12.268 килограми производи.

Од АХВ велат дека за одлуката на косовската Агенција за храна и ветеринарство досега не добиле официјално известување. Операторот, пак, поднел барање за враќање на пратката која се наоѓа под официјален надзор на косовските власти. Од македонската Агенција тврдат дека редовните и вонредните контроли спроведени во млекарницата во текот на годинава не покажале неправилности. Како аргумент ги наведуваат и лабораториските испитувања од 29 април и 21 октомври, реализирани во рамки на годишната мониторинг-програма за микробиолошките критериуми на храната од животинско потекло.

-По спроведените лабораториски тестирања на земени мостри производи од овој преработувачки капацитет не се утврдени недоследности кај тестираните производи- соопштуваат од АХВ.

Поврзани новости

Back to top button