fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаРурална ЖенаТоп вести

Александра Лозановска-Од „Мојата бавча“ на вашата трпеза

Со оваа моја градина сакав да покажам дека секој што ќе ги засука ракавите може од обична бавча да направи фабрика за здрава храна, вели Александра.

Демир Хисар

Александра Лозановска (49), е регистриран земјоделец, пред се претприемач и основач на „Моја бавча“,производител на домашна, органска храна. Лозановска е дипломиран машински инженер на Техничкиот факултет во Битола, но како што вели и покрај тоа што се занимавала со многу работи во својот живот, никогаш не нашла работа според дипломата. Но, таа е горда жена, земјоделка, претприемач.

-Немам ни еден ден работен стаж од мојата струка, но затоа пак сфатив дека не сакам да работам за други, туку тие 8 работни часа во денот да ги работам сама за себе, и така успеав. Имам целосна поддршка од моето семејство, вели таа.

Она што е новина кај Александра е што покрај сопственото производство на земјоделски култури, од минатата година, таа се реши наместо да ги дава на откуп пиперките, доматите, како и се што произведува на својата нива, да ги преработува, да прави зимница и тоа онаква каква што досега не сте вкусиле. Нејзината идеја е посебна, зашто не само што можете да купите од нејзините преработки, солени и благи деликатеси, туку лично од нејзината бавча да си наберете се свежо и органско произведено, дури и ароматични билки и заедно со неа да зготвите во фурната во нејзиниот двор.

Нејзината бавча, пак, која се наоѓа во атарот на демирхисарското село Вардино, е приказна сама за себе. Таква бавча сигурно не се имале шанса да видите на друго место на овие наши простори, бидејќи покрај насадите од пиперки, домати, кромидот и разни други зеленчуци, тревки и зачини, секое делче е одделено меѓу себе со цвеќиња, џунџулиња, што остава впечаток на рајска градина. Всушност, вредната и креативна Александра, не застанала тука, туку отишла и чекор понапред, па во соработка со познати туроператори во нејзиниот двор доаѓаат групи на туристи од повеќе европски земји, најчесто од Полска и Албанија, кои имаат шанса во неколкуте часови на престој, прво да отидат до нејзината нива со зеленчуци, да наберат свежи намирници и да се вратат во нејзиниот двор, во фурната да ги зготват посакуваните јадења и да уживаат во природата, во дворот од нејзината семејна куќа кој изобилува со разни овошја, тревки и зачини и маѓепсува со сите бои и мириси дадени во овој отворен простор.

Александра за „Зелена берза“ ни раскажува како започна проектот „Моја бавча“, а додека седиме во нејзиниот двор покрај нас на сталажа стојат наредени спакувани сите зимници што ги произведува, од домашен ајвар, лутеница, домата, кечап, разни макала и зелени паштети, џемови од капини и малини, слатко од тиква, па дури и слатко од црвена пиперка „капија“ во две варијанти со блага и лута пиперка. Александра вели „на мојата трпеза ќе јадете здрава торта од тиква и сигурно нема да пиете „Кока-Кола“, туку сируп од вишни.

-Ние се занимаваме со производство на градинарски култури и тутун од многу одамна. Ланската години се роди нова идеја. Почнувајќи од 2019 и интензивно 2020 година, почнавме да произведуваме зимница на мало, пред се за нас, за пријатели и за роднини, но како поминуваше времето, ме поддржаа моите две деца, синот и ќерката, со идеја, велејќи ми -Ајде да направиме мал бизнис! Ќе направиме и интернет страница и ќе ја промовираме нашата работа. Всушност идејата ми ја наметнаа од Слоуфуд Битола, каде што станав член. Така почнавме со производство на зимница на разни видови на слатко и џем и дојде време да размислиме како ќе се вика ова наше мало производство. И, бидејќи на муштериите им велев -Се е од мојата бавча, се е природно, се наметна името ‘Мојата бавча’, раскажува Александра.

Градината на Александра е околу 1,5 декари и како што вели на неа има се што можеш да посакаш.

-Покрај пиперка и домат, што ми се основни за работа, имам посадено бостан, блага пченка, карфиол, брокула, кељ, прокељ, моркови, црни патлиџани. Ова не е класична градина, туку атрактивна и интересна оградена со џунџулиња, значи ред зелки ред џунџуле, привлечна за нашите посетители. Всушност со оваа моја градина сакав да покажам дека секој што ќе ги засука ракавите може од обична бавча да направи фабрика за здрава храна. Да произведе и за себе и за продажба, вели Александра.

Она што го посакува Александра е идејата за „Моја бавча“ да се насочи на поинтензивни гостувања на странски туристи во Демир Хисар, готвење и дегустација на традиционална македонска храна од демирхисарскиот крај.

-Самата работа не насочува да одиме понатаму, иако пандемијата не спречува да се реализираме докрај како што замислувавме да работиме. Она што ги фасцинира туристите што доаѓаат тука е токму фактот што се сама произведувам, од семе до секој еден зеленчук. И дури ми поставија прашање-Што купува Александра во маркет кога се има дома? Па им кажувам дека во маркет пазарам масло, сол и шеќер. Затоа би сакала во иднина оваа работа да расте токму во делот со туристите, нивната посета на мојата бавча и подготвувањето на храната. Значи со тоа и јас ќе го сменам начинот на работа. Нема да произведувам 500 тегли ајвар во сезона, само за продажба, туку ќе произведувам зеленчук и ќе правам од деликатесите за дегустација на моите гости, што ќе значи воедно и една нова страница од промоцијата на овој крај со автентична храна за Демирхисарскиот регион, вели таа.

На сите жени земјоделки, жени од руралните и градските средини кои имаат идеја да започнат свој бизнис, Александра им порачува да не се откажуваат од својот сон и покрај стереотипите, предрасудите, па и омаловажувањата од околината.

-Нашиот менталитет е таков, да не се прифатат новите идеи. Еве и во Демир Хисар се соочуваме со тие предрасуди. Мојата работа на почеток наиде со неприфаќање и потсмев од околината. Но, јас од тоа не страдам, јас си ја реализирам мојата замисла и го исполнувам концептот на ‘Моја бавча’. Тоа може да го видат сите и на Фејсбук и на  Инстаграм ако се приклучат на ‘Моја бавча’. Затоа порачувам секоја жена што има идеја за бизнис да работи на реализација на својата замисла, на својот сон, охрабрува Александра.

Она што сега и потребно на Александра е помош и поддршка од државата за да го развива својот бизнис како рурална жена, но смета дека жените земјоделки не се доволно информирани за програмите за рурален развој и особено за програмите наменети за рурална жена.

-Тоа ни е хендикеп што не сме доволно запознати кои програми и можности ги нуди државата за жените земјоделци. Секоја жена не оди по институции да бара и да се распрашува што и следува. Се интересирав лично за грантот за рурална жена во висина од 3 илјади евра, но оваа година тие средства не ги даваат. Она што ми треба од државата е, финансиска поддршка или поддршка во машини и алатки потребни за мојот бизнис. На пример, ми треба мотокултиватор, ми треба и опрема за ‘Моја бавча’ во маси и столови, во машини за мелење на зеленчукот, во садови и слично. Имам потреба од таа помош, но да не ја враќам помошта значи без посебни обврски, вели Лозановска.

Текст-Анета Блажевска

Фото-Ивона Кочов

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close