fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаРурална ЖенаТоп вести

Амела Келешова-Тутунопроизводството е најстаро и најмачното од земјоделието

Секоја реколта се задолжуваме со надеж дека од тутунот ќе ги вратиме долговите, но годинава ќе се задолжиме до гуша, се жали Амела.

Амела Келешова (29), од валандовското село Казандол, е млада жена која од мали нозе е на нива. Таа е сопруга и мајка на три малолетни деца на возраст од 13, 10 и 7 години. Како жена од рурална средина и земјоделец кој обработува ниви со тутун, Амела вели дека денот и почнува уште неразденето и завршува доцна во вечерта за да може да ги исполните дневните обврски, на нива, на работа и дома.

-Тутунопроизводството е најстаро и најмачното од земјоделието. Не само годинава поради откупот, туку воопшто како начин на производство и се што се подразбира по зборот – тутунар. Тешко е, станувам пред зори, одам на нивата со тутун, зошто сами ја обработуваме со сопругот. Помош од никого. Работам дневно 4 часа и како хигиеничар во училиштето во селото, а туку се обврските околу децата и домот. Ако треба за берба и децата ги станувам ноќта за на нива, за да не се исуши родот. Не се противат, ја разбираат маката на тутунарите. И кога беа бебиња ги носев со мене. Во една рака бебето, во друга тутунот, раскажува Амела за „Зелена берза“.

Семејството Келешови обработува 5 декари тутун во атарот на Казандол и произведува околу половина тон тутун. Годинава како и на грото тутунари главна главоболка им е откупната цена. Но, како кооперанти на Далија табак, откупната компанија која годинава се откажа од откупот на тутунот, Амела вели дека се соочиле со многу други проблеми.

-Лани имавме 5 декари тутун, се што произведовме ни остана дома иако времето за откуп поминува, зошто немаме како да го однесеме тутунот на откуп во Радовишко. Како кооперанти на Далија табак треба да патуваме над 100 километри до откупните пунктови, но не сме во можност, тоа е дополнителен трошок за нас. Кутии немаме, а за да го однесеме тутунот ни требаат дополнителни финансии за превоз, и ова се проблеми кои ни висат над глава, а не дека ние не сакаме да предаваме тутун, се пожали Амела.

Секоја реколта тутунарите се задолжуваат со надеж дека од тутунот ќе ги вратат долговите, но како што вели Амела, годинава ќе се задолжиме до гуша.

-Изминатите години тутунот имаше поубава цена и остануваше од парите и за нас, не само за трошоците, сега годинава, ни за трошоците ќе нема да ги покриеме. Ама што да правиме како тутунари, пак ќе ги изораме нивите и пак ќе садиме. Ќе се задолжиме за новата реколта, така правевме и изминатите години, ама знаевме дека од тутунот ќе си го вратиме долгот, сега ќе се задолжиме до гуша, а не знаеме што ќе биде, вели нашата соговорничка.

Казандол е село оддалечено на 7 километри од Валандово населено со Турци, сите земјоделци, па Амела вели малку време им останува на мештаните да одат во градот, освен ако немаат некои неопходни обврски.

-И да отидеме во градот, тоа е ретко, а не пак да седнеме на кафе во кафеана. За да седнеш треба да имаш во џебот, а нашата мака тутунарска е голема, вели Амела.

Во селото сега живеат околу четириесеттина семејства и сите произведуваат тутун. Има и големи производители кои годишно произведуваат и до 6 тони тутун.

До 1953 година, Казандол било големо село, но по масовното иселување на турското население во Турција  преминало во мало село.

А.Блажевска

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close