вестиТоп вести

Беласица е полна со шумски плодови но нема кој да ги собере

(Oвој напис е објавен на: август 26, 2019)

 

Од костен, преку боровинки, капини  и малини па се до разновидни чаеви и лековити билки, потенцијалот со шумски плодови на Беласица е огромен, но нема кој да го собира.

Еден од ретките собирачи кој и денес може да се сретне по планинските ридови  е Митко Костов од селото Смоларе. Со ова се занимава веќе 65 години. Вели природното богатство на Беласица е големо, од него може и добро да се заработи, но за жал нема интерес за собирање на истото.

„Тие што треба да собираат не се тука, тие што сме тука не можеме да собираме веќе. За еден ден може да се соберат 50 килограми боровинки. Тие се 10.000 денари , една плата на една шивачка цел месец што ќе работи. Неможе да се живее постојано, меѓутоа да се заработи може“, вели Митко Костов, собирач на шумски плодови.

Откупувачите тврдат дека побарувачка  за шумски плодови има во секој момент, но нема берачи. Поради ова најголемиот дел од плодовите останувале во планина и неискористени.

„70% од производите кои може да се купат не се берат, остануваат во шумата, не се користат, нема кој да ги собира. Откуп има во секој момент, но нема берачи“, вели Блажо Стојков, откупувач.

Во насока на поголема промоција и поттик за развој на зелената економија треба да биде и проектот на здружението Натура Нова. Тие со општина Струмица стартуваа со  брендирање на преработки од  саморастечките плодови од Беласица.

„Секој производ во непреработена форма има една цена, додека преработката е четири пати по скапа. Едноставно економскиот интерес на собирачите ќе ги активира сите можни ресурси на локално ниво за таа работа да може да се искористи во поголем обем“, вели Панче Николов, Натура Нова.

Со проектот веќе се брендирани 15 видови производи од Беласица од кои се добиваат минимум по пет преработки. Во иднина тие на пазарот ќе се среќаваат под брендот „Беласица планински производ“.

Извор: Сител

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close