fbpx
ВестиМакедонија

Богата ловна сезона за кичевските ловџии

Трите ловечки друштва во Општина Кичево, „Елен“, „Еко фазан“ и „Сокол“, имаа исклучително богата ловна сезона со отстрелани голем број диви свињи и волци

Викендов што измина заврши ловната сезона на крупен дивеч во земјава, која започна во првиот викенд на октомври и заврши на крајот на јануари. Трите ловечки друштва во Општина Кичево, „Елен“, „Еко фазан“ и „Сокол“, имаа исклучително богата ловна сезона со отстрелани голем број диви свињи и волци и покрај сиромашната зима со снег, која не им годи на ловџиите за добар отстрел, сепак енормната бројка на диви свињи намножени во природата, беше причина друштвата да имаат богат лов.
– Изминатиот викенд заврши ловната сезона на крупен дивеч во земјава, која започна првиот викенд од октомври и траеше четири месеци. За овој период на располагање имавме 22 ловни дена. Покрај сиромашната зима со снег, сепак имавме богата ловна сезона со отстрелани голем број диви свињи и волци, кои им правеа големи штети на сточарите во нашиот регион, пред сѐ на сопствениците на стада овци. Бидејќи имавме богата ловна сезона, стигнавме до бројката што однапред беше проектирана за отстрел на диви свињи за оваа ловна сезона – вели Даме Петрески, еден од најискусните ловџии во ловечкото друштво „Елен“, каде што членуваат околу 400 ловџии од Кичево.

Претседателот на ова ловечко друштво, најстаро и најголемо во општината, Слободан Петрески, е задоволен од успешната ловна сезона и од фактот што кај сите отстрелани примероци диви свињи не е откриена болеста африканска чума и дека во тек се подготвителни активности за вршење прихрана на полезниот дивеч.
– Имавме успешна ловна сезона, бидејќи дојдовме до бројката на отстрелани диви свињи што беше претходно испланирана за оваа ловна сезона и згора на тоа отстрелавме и 10 волци, кои во последно време се намножија во нашиот регион и како одраз на нивната бројност и штетите што почнаа да ги прават кај сточарите од Кичевско беа големи. Радува и фактот што кај ниеден отстрелан примерок дива свиња не е откриена болеста африканска чума, што беше потврдено од Ветеринарниот завод од Скопје, каде што од секој отстрелан примерок се испраќаше примерок за проверка на здравствената состојба на дивечот – рече тој.

И по завршувањето на ловната сезона, нивните активности продолжуваат со прихрана на полезниот дивеч што живее на повеќе локации во шесте региони, каде што се концесионери. Располагаат со доволни количества зрнеста храна – 10 тони, пченка, ’рж и јачмен и поголеми количества кабеста храна, јонџа и сено. Таксата за една ловна сезона за еден ловџија изнесува 5.000 денари, а за ловџиите што се на возраст над 65 години, таксата е пониска и изнесува 2.000 денари.https://www.novamakedonija.com.mk/ekonomija/%D0%B1%D0%BE%D0%B3%D0%B0%D1%82%D0%B0-%D0%BB%D0%BE%D0%B2%D0%BD%D0%B0-%D1%81%D0%B5%D0%B7%D0%BE%D0%BD%D0%B0-

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close