Брајчино

(Oвој напис е објавен на: February 6, 2017)

Селото Брајчино се наоѓа на Балтан Планина. Низ него тече и реката Балтан. Но што е Брајчино? Село или туристички комплекс? Ако е село, тогаш се одликува со добра организираност, одлична обележаност и бескрајна чистота. Ниту едно книвче, ниту догорче на патот. Само бескрајно диво зеленило, жуборењето на Балтан и миризливиот воздух што ви ги плени белите дробови.

istorija1

 

Денес во Брајчино десетина куќи издаваат соби, во рамките на проектот за развој на селскиот туризам. Старите куќи се обновуваат, а има и зошто. Постојано се зголемува бројот на туристи што сакаат да престојуваат во ова село. Туристичките агенции знаат за проектот и повеќето посети се организирани.

А што се јаде во Брајчино?

cironka

Циронка

Се подготвува од рибата белвица, но исклучиво од свежа риба. Значи кога ќе се донесат рибите од езерото, добро ќе се измијат и се солат со многу сол, онака да побелат од солта. Така побелени се оставаат во еден сад, да постојат шест до седум дена. Во садот не се става ништо друго, освен можеби коприва, бидејќи „не оди некоја мува да ги расипе“.
По една недела, белвицата се вади и се ниже со игла и конец, исто како и пиперките. Нижењето секогаш оди од главата. Се оставаат на сонце неколку дена, се собираат во сад и онака сушени, цела зима може да се користат.

Brajchino9

Циронката убаво се потпекува (на рингла) од двете страни. Потоа, онака потпечени се ставаат во жешка вода и притоа водата се менува најмалку двапати. Мора да излезе солта, бидејќи нема да може да се јадат, пресолени се. Потоа се редат во „панче“, се става малку нане, пипер буковка и по желба масло и оцет. Некои ставаат и лук. Се остава течноста да се впие во нив, а потоа се меки и „родени“ за мезе. И секако, се јадат со макало.

И не заборавајте: Рибата е белвица, а сувата риба е циронка.

Brajchino5

Балтан Планина е полна со нане, мајчина душица, камилица, коприва… во зависност од сезоната, ама зошто Балтан? Легендата вели:

„Во дамнешно време, кога тука престојувал некој бег, една девојка, рисјанка, побегнала со еден од неговите војниците. Бегот се растрчал да го пронајде војникот
и го нашле скриен на планината. Кога го прашале што барал тука, тој им рекол: – Тука најдов поблаго од мед, повредно од алтан (мед на турски е бал, а злато
– алтан). Значи таа била толку слатка и скапоцена. Оттогаш, како што раскажувале Турците во аскерот, планината се вика Балтан“.

Посетете го Брајчино затоа што нуди големи можности, особено доколку Ви е потребен спокој и чист воздух.