Црковна историја скриена во живописното село Велушина

 

 

Назмије ги покажа тазе испечените погачи, а Миле само што почна да ја вари ракијата во казанот  покрај патот. Мирно и спокојно со неверојатна магија и душевен мир живурка селото Велушина сместено во пазувите на Баба Планина и Битолско Поле. Од една страна старите камени куќи, разрушени , со замандалени порти и спуштени кепенци, покриени од високи треви и џбунови, а од друга страна широки дворови со реновирани куќи полни со земјоделска механизација, со домаќини растрчани по секојденевните обрски, во шталите мукаат крави и јунци, а кокошките колваат низ дворовите. Кучињата  и мачињата се топлат на првите сончеви зраци од октомвриското сонце. Ова е една од сликите за  Велушина денес, селото познато по најмногу цркви на едно место. Постојат мислења дека името на Велушина произлегува од епитетот на Богородица Елеуса или Богородица Милостива, чиј култ во ова место бил присутен со векови.

Иако никој од нашите соговорници не знае точно колку луѓе денес брои селото, сепак сите ја заокружуваат бројката од околу двесте жители од кои триесеттина Македонци и останатите Албанци. Велушна некогаш беше село населено само со Македнци и по некоја фамилија Срби, сега најголем дел од мештаните се етнички Албанци кои се доселиле од соседното планинско село Острец, спуштајќи се во полето во потрага по плодни  ниви и вода за наводнување.

Според последниот попис, пак, од 2002 во селото живееле 160 луѓе од кои 73 Македонци и 79 Албанци, 5 Роми и 3 Срби. Односно, после Втората Светска војна, се до 1991 година во селото живеело исклучиво македонско население  и жители кои се изјаснуваат како Срби , но следело  помасовно населување  на  Албанците во 2002 година и тоа трае до денес.

 

Со самото влегување во селото во првата куќа од Долно маало, живее семејството Џековски од Острец, кое во Велушина се преселило  во 2004 година. Сите тројца браќа со своите семејства и родителите живеат во заедница од единаесет членови.

Вратите им се широко отворени, а внатре во дворот вреќи полни со тазе исчистен грав наредни покрај подзидокот на куќата. Една со снаите ги чисти  мешумките со грав, и ги токми за продавање, секој си ја знае работата, а синот Валир Џековски (43) љубезно не пречекува .

 

-За поубав живот од планина се преселивме в поле. Се надевавме дека работите ќе тргнат на поубаво, зошто горе  во Острец имавме малку обработливо земјиште, околу 5000 квадрати. И овде во Велушина немаме наше земјиште којзнае колку, но можеме да земеме под наем и да го обработуваме. Бараме слободни ниви, но за жал нема, сите се обработуваат, го почнува разговорот Валир, кој скромно,без да нагласува, набројува дека секоја година произведува  од 80 до 100 тони компири од кои по дури 20 до 30 тони во годината  им остануваат непродадени.

-Нема пласман на компирите, не може ни да работиш со трговците, секој глада да те „закрпи“, вели тој и продолжува дека секоја  годината произведува  и по два до три тони грав,  до 30 тони кромид и останати земјоделски култури.

 

-Носам на пазар триста килограми  кромид, сто од нив ги враќам дома. Ние сме призводители и работиме по нивите немаме време да бидеме и трговци. Имаме многу обврски,  се сами си работиме, аргати  не земаме. Затоа  гравот ни го земаат прекупци во пазарот и го продаваат двојно поскапо, се пожали Валир.

Покрај земјоделието ова семејство е голем производител и на млеко, во нивната штала има преку шеесеттина крави и јунци и со сигурен пласман на млекото во една од битолските млекараници.

 

Жителите на Велушина бараат чиста вода за пиење

 

Селото Велушина многу пати било на насловните страници на весниците по убави нешта, но и по неколкуте  инциденти и тепачки меѓу мештаните за вода. Иако е планиско село и низ него тече Велушка Река , сепак битката за вода, за наводнување неретко е тешка  и им предизвикува главоболка  на мештаните. И Македонците и Албанците се согласуваат дека меѓуетничкиот живот е добар , но дека мора да се вложува во него.

-Меѓу луѓето, меѓу Македонците и Албанците овде во селото состојбите се во ред, не сме имале проблеми и не смее ни да имаме. Албанци се 17 семејства со околу 170 жители, додека Македонци се помалку, вели Валир Џековски, напоменувајќи дека селаните се уште имаат проблем со водата за пиење во селото, зошто не е чиста и нема доволно вода.

 

-Цевките кои идат директно од изворот се затнуваат и често кога ќе ги отвориме наоѓаме пцовисани глувци. Ние селаните не можеме да направиме водовод, тоа треба да го направи Општината. Порано знам дека баравме, ама сега новата градоначалничка мора да стори  нешто. Дури ни хлор не се става да се чисти водата, децата често ги фаќа стомачен вирус, се жали тој.

 

Миле Илиевски (43), пак, е Македонец кој со сопругата и двете деца живее во Велушина, ги дели проблемите на соседите Албанци со немањето на чиста вода за пиење, и со носталгија се сеќава на годините кога бил дете, а селото полно со народ.

-Останавме триесеттина Македонци од кои пет деца. Учат во училиштето во Бистрица и во Битола. Нашите им ги продаваат куќите и имотите на Албанците, сите се заминати  Битола  и низ светот, Америка, Австралија… Во селото не се прави ништо за да заживее. Туристи доаѓаат за верските празници и во манастирот „Св. Ѓорѓи“. Иако има потенцијал селото, сепак  нема иницијатива да сe отворат старите куќи направени од камен да послужат за рурален туризам. Нема кој тоа да го направи. Во куќите се останати стaрци по еден до двајца во куќа, и нема што да се прави, вели со носталгија Илиевски, ставајќи дрва во огнот под казанот каде ја  вареше ракија  за свои потреби. И тој се занимава со земјоделие, произведува  пченка, пченица, јачмен по  десеттина тони од секој производ, но не е задоволeн  од откупните цени.

-Кој е задоволен од откупната цена на пченицата? Кажете? Иста е цената и на пченката и на пченицата и нема фајде од ништо. Не сум задоволен ни од субвенциите, треба да се менуваат работите. Нема субвенционирана нафта, таа е прескапа и навистина имаме големи трошоци, вели Илиевски.

 

Настрана од земјоделските маки, жителите на Велушина тешко доаѓаат и до основите потреби за живот. Во селото нема ниту една продавница, старата  кооперација е сосема руинирана, па нема каде ни леб да си купат. Трговци одвреме навреме им носат леб со комбе, па жителите купуваа и по неколку сомуни да им се најде, зошто во спротивно ќе мора сами да си месат. За  други  потреби од колонијалните продавници или одат до соседните села или пазаруваат од маркетите во Битола.

 

Затоа седумдесет и четири годишната Назмије Џековска, се уште сама ја разгорува домашната фурна и меси по 17 погачи  наеднаш.

-Во селото нема ниту една продавница, па сами си месиме леб. Село си е село, и таму горе во Острец и тука, и лебот мора да се меси зошто ние сме калабалак  единаесет души, па на три-четири дена печам по 17 лебови. Кога ќе биде топол децата одма го јадат. Го месам со квасец, иако порано лебот го правевме со маја. Правам тркалезни  погачи, а кога готвам, готвам во голем казан и корита, така се со раце правиме зошто нема кај нас машини, се смее Назмие покажувајќи го тазе испечениот леб.

Таа се присетува дека порано со жените Македонки убаво си живееле, си муабетеле со кафе  кога тоа им го дозволувало времето.

Спокојот во селото одвреме на време го нарушува бучавата на по некој автомобил кој од Велушина, се искачува до Острец.

На пат за дома го сретнавме и младиот Елвис Абдуловски , момче на 21 година.

 

-Тука сум роден во Велушина, во селото има млади, иако не се многу, ама сепак си имаме  друштво,  се дружам и со Албанци и со Македонци. Излегуваме навечер во Битола или одиме во Бистрица, вели младиот Абдуловски чие семејство се занимава со земјоделие, а младото момче веќе размислува да замине во Австралија.

-Сакам да си одам од овде, поднесов документи за Австралија ама не ме примија, имам сестра таму, и се  надевам дека ќе успеам, вели Елвис.

Желбата на младиот Елвис, не е за изненадување, ако се знае колку се’ млади , дури и цели семејства се иселија од Велушина, од Битола , и воопшто од државата во последните две децении. Така што не само Велушина туку и многу други  соседни села вдолж македонско-грчката граница се празнат и пустат.

 

 

Печалбарите од Велушина не ја забораваат родната грутка

 

Но, иако многу печалбари заминале од Велушина, тие не ја заборавиле родната грутка, секогаш кога ќе им се даде можноста доаѓаат да ги посетат старите огништа иако навидум тие за многу семејства  не личат веќе на нивните домови, туку  на урнатини од камени ѕидови, сепак вложуваа во црквите во ова село. А Велушина е едно од ретките, а можеби и единствено во регионот село кое има девет цркви. Во црквата „Св. Недела“ во центарот на целото камбанаријата е подарок од семејството Манговски.

 

-Камбанаријата ја подигнаа Јован и Мара Манговски, со фамилијата од Америка. 31. 05. 2005 година, стои на мермерната плоча во црковниот двор.  Сите девет  цркви во Велушина  се на различни локации и секоја од нив со посебно значење. Дел од црквите со текот на времето се разрушиле, но и ден денес постојат обележја за постоењето на црква на соодветното место. Во селото посебно значајна е црквата Успение на Пресвета Богородица позната како Голема Богородица, а мештаните уште ја викаат и Вељуса Перивлепта. Оваа црква долго време била непозната и заобиколена од истражувачите и од  патеписците. За неа се знае дека е една од најстарите цркви во битолскиот регион. Кај овај комплексен објект досега се констатирани неколку фази на градба – од крајот на X и почеток на XI век, потоа XII и XIII век, а во текот на XVIII и XIX век била извршена најголемата реконструкција на црквата.Според одредени археолошки истражувања, се верува дека црквата е изградена врз темелите на постара црква од VI век. Фреско сликарството во црквата е исто така изработено во повеќе фази од различни временски периоди. За најстарите фрески се мисли дека датираат од X и XI век. До црквата води земјен пат, десно од влезот на селото.

 

Во Велушина, за Ѓурѓовден сите патишта водат до манастирот „Св. Ѓорѓи“ обновен во 1848 година во кој некогаш имало и калуѓерско братство. Тука се и црквите „Св. Атанасиј“ и „Св.Илија“ кои датираат од периодот на 15. до 17. век, а кои сега се гробјански цркви. Во Велушина е и манастирот „Св.Врачи“ или манастир на двајца браќа, потоа црквите „Св. Никола“, „Св. Петка“ и „Св. Недела“ во која најчесто се организирале венчавки. Она што е интересно е што некои од црквите ги граделе поединци поради лична желба, зошто  луѓето порано биле подготвени и со личен труд, и средства да изградат  на нови храмови. Она што е интерсно за Велушина е што од тамошните цркви се сочувани икони дури од 18. век. Според експертите присуството на икони се припишува на работилницата на познатите корчански зографи Константин и Атанас едни од најбараните и често ангажираните зографи од средината на 18. век, на територијата на Охридската архиепископија и Света Гора. Вредните икони од црквите во велушина денска можат да се видат големиот изложбен салон на икони во Битолскиот музеј.

 

Анета Блажевска за „Зелена берза“

 

Share Button