Цените на струјата ќе се знаат денеска
Колкаво ќе биде поскапувањето на струјата од 1 јули?
Регулаторна ги прави последните пресметки – колкаво ќе биде поскапувањето на струјата од 1 јули. Детали нема, само неофицијални бројки. Сигурно е само дека зголемувањето ќе биде над 10%. Енергетските компании прикажале многу високи трошоци, но, според претседателот на РКЕ, нема да им бидат признаени сите. Експертите согласни – струјата ќе биде поскапа, затоа што цената расте на глобалниот пазар, но добро е што ќе биде амортизирана, односно ќе биде пониска од реалната. Велат дека поделбата на 4 блока може да внесе забуна кај граѓаните и се остава простор за сомнеж – дали ЕВН има капацитет секој месец да ги чита броилата низ цела држава?
Цените ќе бидат повисоки, но јас се надевам дека домашното производство ќе биде зголемено. Би почекала да видам дали ќе има редовно отчитување на броилата низ цела Македонија и дали граѓаните ќе бидат запознаени кој уред има најголема потрошувачка, вели Сања Божиновска, енергетски аналитичар.
Домаќинствата од следниот месец ќе бидат поделени во 4 блока. Тие што трошат најмногу, над 1 мегават, ќе плаќаат најскапо. Сепак, најголем дел од домаќинствата ќе влезат во 2 односно 3 блок, каде, според надлежните, цената ќе биде прифатлива и незначително повисока. Инаку ЕСМ на ЕВН хоум и понуди за 17% повисока цена, односно 48 евра за мегават час. МЕПСО и Електродистрибуција побараа поскапување од 68, односно 80 отсто. За да се спречи ударот врз стандардот на граѓаните, одредената цена ќе биде пониска од реалната, а разликата ќе ја субвеционира државата. Освен поскапа струја, граѓаните ги чека и поскапо парно од 1 август.https://sitel.com.mk/cenite-na-strujata-kje-se-znaat-utre