fbpx
Агро бизнисБез категоријаВести

Делницата Битола – Меџитлија стана пат на смртта, жителите на Кравари гневни

Возачите возат како да се на трки низ Кравари

БИТОЛА – Две жртви во сообраќајни несреќи во последните десет дена, момче на 26 години и маж на 42 години, но и за влакно избегната сообраќајна трагедија во која ќе настрадаа 17 ученици го вклучи алармот на жителите на битолското село Кравари јавно да бараа поголема сообраќајна безбедност на обновениот патот Битола – Меџитлија.

Мештаните на Кравари што е можно побрзо надлежните институции – МВР, Министерство за транспорт и врски, ЈП за државни патишта и градежната фирма изведувач на работите на патот, а и Општина Битола, да преземат засилени безбедносни мерки во сообраќајот особено низ нивното село, во спротивно се закануваат дека со жив ѕид ќе го блокираат патот.

„Кога патот беше полн со дупки возачите возеа побавно, сега кога се постави новиот асфалт, многу се брза и не се почитува ништо. Вчера за малку фалеше да настрадаат 17 деца. Ги спаси жител од селото што им викна да се вратат назад кога се симнуваа од автобусот, да не ја поминуваат улицата оти камион со голема брзина поминувал и не застанал, а децата зад автобус не го виделе. Камионите многу брзаат на овој пат се бркаат низ селото и се голем проблем, особено оние од РЕК што носат ќумур два пати на ден. Брзаат да стигнат до граница и ништо не гледаат на патот“, рече Илче Стојановски од село Кравари.

До крајот на октомври треба да заврши обновата на патот Битола – Меџитлија во должина од близу 13 километри. Сѐ уште се поставува втор слој на асфалт, па патот е наместа неизедначен, а на краевите со нагли падови што го прави ризичен.

Овој регионален пат е и меѓудржавен, па има голема фреквенција на патници и стоки. На дневна основа е особено густ сообраќајот со патнички и товарни возила, а и поради фабриката „Кромберг и Шуберт“ дневно поминуваат 70 автобуси во три смени, 50 комбиња, земјоделска механизација од ЗК „Пелагонија“ и индивидуалните земјоделци.

Жителите на Кравари како времено решение за ситуацијата предлагаат интензивни сообраќајни контроли, особено пред училиштето, градинката и амбулантата.

„Сообраќајната безбедност на нашите деца и воопшто на секој од нас како жители на Кравари е на нула. Апел до МВР да има континуирано сообраќајна патрола во селото додека трае рехабилитацијата на патот, не саат или два туку постојано, оти никој не вози со 30 километри на час по новиот асфалт колку што е пропишано. Бараме заштита и на нашите ученици и тие што одат во градинка. Да има видлива патна сигнализација. Пред училиштето и градинката да има знак дека има деца, да има пешачки премин, оти патот е застрашувачки“, рече Ивана Петровска жител на Кравари.

Мештаните се децидни ако не се преземат мерки ќе го блокираат патот.

„Патот ќе го блокираме во најголемата фреквенција кога од фабриката ‘Кромберг и Шуберт’ ќе се менува прва со втора смена, ако во најкусо време нема одговор на нашите барање од МВР“, предупреди Петровска.

Општина Битола иако не е надлежна за проблемот сепак го издигна на високо ниво и се вклучува како посредник меѓу мештаните и надлежните институции.

„Средбата ја инициравме ние како општина Битола со оглед на бројните поплаки од населението кое гравитира во тој јужен дел на општината. Изразувам сочувство до семејствата на жртвите и без префрлање на вината од една на друга институција, како општина сме должни да ги чуеме нивните грижи и да ја споделиме и нашата загриженост за безбедноста на граѓаните со надлежните институции. Ќе посредуваме и ќе иницираме средби уште следната работна недела, во вторник со МВР, па и со Министерство за транспорт и врски, со ЈП за државни патишта. Нема да посочуваме виновници, но ќе кажеме дека треба сите заедно да работиме на поголема безбедност на овој патен правец, додека трае рехабилитацијата на патот и после тоа“, изјави градоначалникот Тони Коњановски на средбата со жителите на Кравари.

Од СВР Битола за „Независен“ информираат дека следејќи ја состојбата со сообраќајот, не само во централното градско подрачје, туку и на отворените патишта, излезите од градот, констатирана е непочитување на сообраќајните правила и затоа сообраќајната полиција секојдневно презема низа мерки и активности.

Жителите на Кравари велат дека трајно решение на проблемот е изградба на ветениот експресен пат Битола – граничен премин Меџитлија, со што би се растоварил регионалниот пат кој минува низ селото. Но, не се оптимисти, па велат дека „експресниот пат не може да се направи во година или две, туку ќе трае со години, дотогаш поголема безбедност на рехабилитираниот пат што минува низ селото.“

Министерот за транспорт Благој Бочварски на почетокот на септември кога беше во Битола и изврши увид во работите на регионалниот пат рече дека процедурите за урбанистичките проекти за експресниот пат од Битола за Грција се завршени, во однос на проектирањето се финализирани и наредната година ќе бидат побарани финансиски средства за реализација на овој проект, по што веднаш ќе биде распишана тендерска постапка за избор на изведувач и целиот крак на Коридорот 10-Д ќе се заокружи со нова модерна патна инфраструктура до граничниот премин со Грција.

А.Блажевска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close