Доаѓаат ли „петте минути“ на локалните производители?!

(Oвој напис е објавен на: May 9, 2019)

Slow Food Македонија користејќи ги искуствата на другите земји што веќе станале членки на ЕУ, се обидува  по нивниот пример да ги решава проблемите со кои се соочуваат малите производители во руралните средини, во поглед на безбедноста на храна, и со своите производи направени на традиционален начин да бидат конкурентни на пазарот.

 

Барајќи нови можности и начини како да се произведе повеќе и да се задоволат потребите за храна на популацијата која се’ повеќе расте, им се заканува опасност од изумирање на многу   традиционални производи кои некогаш претставувале препознатлив белег за одредено место или регион. Додека од една страна во државата  функционираат индивидуални земјоделци и земјоделски стопанства кои растат и се развиваат,  од друга страна голем е бројот на локални производители кои не го напуштиле традиционалниот начин  на производство, но не може да фунцкионираат и да опстанат на пазарот и да ја издржат конкуренцијата со производи (индустриски произведени) за кои се вели дека се традиционални, но тоа воопшто не се. Покрај ова на малите производители проблем им е и законската регулатива која не е докрај решена. Локалните и автентични производи ги има во различни региони во Македонија и среќа е што во последните години  се јавуваат  луѓе кои ја поддржуваат  нивната работа и преземаат различни активности  за да им помогнат. Поддршката на локалните  производители и нивната промоција е од големо значење во партиципацијата на економскиот развој на државата посебно развојот на помалите и рурални места. Во оваа насока се организираат и различните активности  кои ги преземаат членовите на организацијата  Slow Food Македонија..

-Денес Slow Food  е распространета во 160 земји во светот со над 100 000 членови и  преку милион поддржувачи. Работи на заедничка визија  за подобар  свет , со храна достапна за секого, со задоволување на сетилата за сите вкусови на храна, заштитата  на локалната традиција  и локалната култура на одредена територија  и нејзина промоција во функција на економски културен и социјален развој на таа средина. Организацијата Slow Food во Македонија  е присутна од 2008 година, а во 2011 формирана е и Slow Food Битола со цел да ги поддржи малите производители во руралните средини. Ако се оди по теркот на ЕУ  постојат можности да се заштитат локалните  производители. За таа цел го истражувавме локалниот биодиверзитет, техники на производство за одредени производи и ја востановивме „Арката на вкусови“, објаснува, Николче Николовски,  претседател на Националниот одбор на Slow Food Македонија. До сега во Македонија се мапирани 180 производи што е извонредно богат фонд на производи, со рецепти и технологии на производство, додава Николовски.

Slow Food Македонија се обидува да го следи искуството на други земји што веќе станале членки на ЕУ и по нивниот пример да ги решаваат проблемите со кои се соочуваат малите производители во руралните средини во поглед на безбедноста на храна.

-Во 2004 ЕУ донесува посебни регулативи 852 и 853  во кои се пропишуваат правила и исклучоци  од генералниот закон за безбедност на храна, а се однесуваат на традиционалните производства, со кои се дозволуваат исклучоци на овој план. Во меѓувреме и  кај нас се донесоа правилници, но не доволно, а има и проблем со координацијата меѓу институциите. Во последниве години водевме една кампања да го зачуваме биодиверзитетот на млеко, се фокусиравме на традиционалното производство на сирење. Секоја држава има различно искуство, секоја држава има специфични производи,  законите на ЕУ дозволуваат отстапки, но треба да се пропишат посебни правилници кои одговараат на соодветните производи. Водени од тоа, минатата година Агенцијата за храна и ветеринарство формираше работна група составена од членови на АХВ, Факултетот за храна и земјоделски науки, Slow Food за подготвување на правилник за  производство на производи на  традиционален начин. Во меѓувреме овој правилник се прошири  и на други производи: млеко и млечни производи, месо и месни производи, дивеч, јајца, риба, мед  и во посебни членови пропишани се условите во традиционалните производства како и алатките кои треба да се применуваат. Има за секој производ категоризација , големина на производители како и критериуми кој каде може да продава од производите. Правилникот нуди низа олеснувања и очекуваме во најскоро време  да биде донесен и да се применува.  Со тоа ќе се отворат можности за нови посебни  мерки кои ќе овозможат нови инвестиции за подобрување на производствените процеси на малите локални производители, објаснува за Зелена берза Николовски.

Паралелно со подготвувањето на овој правилник Slow Food од своите истражувања изготви листа на потенцијални производи кои може да се заштитат со ознаки за географско потекло. Листата содржи 153 производи од кои 51 се мапирани и опишани на територијата на Македонија. Во идниов период Slow Food во соработка со МЗШВ ќе работи и на регистрација на производителите  според географската застапеност на производите. Тоа е сложен процес кој предвидува изработка на елаборат со што ќе се докажува автентичноста на производите, а со добиениот сертификат  таквите производи ќе станат препознатливи не само кај нас туку и во странство. За сега ваков сертификат има само охридската цреша. Има изработени елаборати за уште неколку производи но постапката оди многу бавно, што заради административни пропусти, што заради недоволна информираност на производителите за можностите што може да ги искористат.

Slow Food Македонија и во наредниот период ќе продолжи активно, преку свои програмски содржини да ги информира локалните производители за можностите што ги имаат и со што и како може да го развијат својот мал бизнис. Дали се ова „петте минути“ на локалните производители со мал обем на производство, и дали ќе ги искористат во своја корист останува да покаже времето.

Павлина Јовановска

Share Button