fbpx
Агро бизнисВестиВкусот на традицијатаМакедонијаТоп вести

„Добра Земја“-задруга за органска храна

Приказната за „Добра Земја“ се шири со сета нивна позитивна енергија, а ни ја откриваат Ивона Бару – одговорна за менаџментот на задругата, Иво Бару – одговорен за членството на задругата, Ана Тодоровска – дизајн и маркетинг, Томислав Трајков – контакт со производители, Билјана Трајковска – продавница и подготовка на кошници, Бобан Ристоски – контрола на квалитет и набавки.

„Добра Земја“ е задруга за органска храна формирана од три силни жени, исправени пред предизвикот на претприемачи. Основачките на оваа задруга се ентузијасти за чиста, еколошка храна произведена со грижа за природата. Приказната за „Добра Земја“ се шири со сета нивната позитивна енергија, а  ни ја откриваат Ивона Бару – одговорна за менаџментот на задругата, Иво Бару – одговорен за членството на задругата, Ана Тодоровска – дизајн и маркетинг, Томислав Трајков – контакт со производители, Билјана Трајковска – продавница и подготовка на кошници, Бобан Ристоски – контрола на квалитет и набавки.

З.Б-Која беше идејата за „Добра Земја“

Приказната за „Добра Земја“ започна ‘партизански’, како собир на група ентузијасти за чиста, еколошка храна произведена со грижа за природата. Името е инспирирано не само од органската храна, туку од вредностите кои ги застапуваме – со добри практики ќе имаме и ‘Добра Земја’, место за кое се грижиме, но и тоа се грижи за нас.

Групата се самоорганизираше и во соработка со неколку органски производители, еднаш неделно се организираа средби на кои се подготвуваа пакети со свежи сезонски производи. Интересот за членство почна да расте, од само 20 достигна до 90 членови и тоа беше моментот кога во 2015 година, „Добра Земја“ се регистрираше во прва задруга на потрошувачи во Македонија и ја отвори својата засега единствена продавница во Тафталиџе-Скопје.

Основачи на задругата се три силни жени – Ивона Бару, дипломиран архитект која има искуство во градба со еколошки материјали, Биљана Филиповска, магистер по економски науки посветен градинар во еколошко производство на култури и Билјана Бужаровска, дипломиран психолог, познавач на природната медицина и искусен готвач.

Низ годините, тимот претрпи неколку промени и се прошири. Денес нашето јадро е составено од: Ивона Бару – одговорна за менаџментот на задругата, Иво Бару – одговорен за членството на задругата, Ана Тодоровска – дизајн и маркетинг, Томислав Трајков – контакт со производители, Билјана Трајковска – продавница и подговотвка на кошници, Бобан Ристоски – контрола на квалитет и набавки.

Во 2015 година, задругата освои две награди – Прво место за социјално претприемништво во Македонија и Прво место на регионалниот натпревар „Зелени идеи за Филантропија“, награди кои беа голема поддршка за почетокот на нашата работа.

З.Б-Зошто ги избравте токму моделот на задруга?

Го избравме моделот на задруга, зашто гласот на секој учесник е подеднакво важен. Сите сме работници, заеднички донесуваме одлуки за нашата работа и си помагаме, ги споделуваме добивките, но и тешките времиња ги пребродуваме заедно. Исто така, како задруга, нашата работа не е исклучиво насочена кон остварување профит, туку најнапред кон вложување во локалната заедница и општествена одговорност.

З.Б-Кои се основните принципи на работа?

Така, основните принципи на нашата работа се следниве:
– Нудиме палета на сертифицирани и лабораториски тестирани производи кои се произведени со земјоделски практики кои не ги уништуваат природните ресурси и го заштитуваат биодиверзитетот,
– Локална храна – соработуваме само со локални производители, зашто храната која поминала најкраток пат е најхранлива. Исто така, на овој начин го поддржуваме развојот на локалното производство,
– Храна со лице – лично го познаваме секој производител со кој соработуваме и го посетуваме местото на производство,
– Не користиме пластика – од основањето до денес, не користиме пластични кеси, со производителите и членовите постојано ја ротираме амбалажата и ставаме акцент на рефус производи, со цел да го намалиме отпадот создаден од пластика.

З.Б-Колку кооперанти со органска храна се вклучени во проектот, дали имаат сертификати? И на кој принцип соработувате? Како успевате да привлечете нови производители?

Моментално имаме над 30 постојани соработници, од кои 90% поседуваат сертификат, а 10% се мали производители од кои ги откупуваме вишоците од нивните домашни градини, при што ги задоволуваат критериумите за еколошки производ, но поради малите количини, не поседуваат сертификат. Во тој случај, истите се лабораториски тестирани од наша страна и тој производ се нарекува „Одобрен од Добра Земја“.

Секогаш даваме предност на сертифицираните производители, фер однос и достоинствена цена која го почитува трудот за производство.

З.Б-Како функционирате врз кој модел?

Функционираме врз модел на членство кој не` прави уникатни: секој може да стане член на задругата и да подигнува неделна органска кошничка која ја подготвуваме секој четврток. Секоја кошничка е во вредност од 500 денари. Овој модел воведува баланс меѓу нас, производителот и крајниот потрошувач – на производителот му нудиме сигурен откуп, а на потрошувачот загарантирана количина органска храна, приоритет на производи и пристап до ретки производи. За членовите важат членски цени кои се до 30% пониски од редовните, а сите останати можат слободно да пазаруваат во нашата продавница, но по повисоки цени.

Нудиме неколку видови на органски кошнички:
1. Семејна кошничка составена од свежи сезонски производи одредени од задругата; достапна во две варијанти.
2. Партнерска кошничка за оние кои имаат потреба од помали неделни количини, партнерите подигнуваат наизменично.
3. Флексибилна кошничка – за оние кои не сакаат обврска за подигнување секој четврток и сами го прават изборот во кошницата, но по повисоки цени.
4. Пробна кошничка – можност за еден пробен месец без зачленување, за оние кои не се сигурни дали им одговара овој модел.

З.Б-Дали има интерес кај граѓаните за вашите производи? Што најдобро поминува од производите?

Особен интерес има за свежото овошје и зеленчук, кои се главна дејност во нашата работа. Најдобро поминуваат автохтоните сорти кои се обидуваме да ги зачуваме со секоја сезона за сеидба. Затоа, периодично организираме размена на семиња каде сите искусни и нови градинари и земјоделци можат бесплатно да разменат стари и нетретирани семиња, со цел да ги одржиме во живот.

Позитивната страна на Ковид-19 пандемијата, е во тоа што се зголеми интересот на граѓаните за грижа за своето здравје и многумина не` исконтактираа. Може да се рече дека функционираме и како еден вид на едукативен центар за органската храна.

З.Б-Дали може да се направи споредба во цените со производите во маркетите, еве на пример со путер од лешници? Какви се реакциите од муштериите?

Во моментот, продажните цени на органските производи се повисоки од оние на конвенционалните производи, но исто така, и откупните цени на органското производство се подостоинствени. Карактеристично за нашата работа е тоа што имаме два вида на цени: членска и не членска. Членските цени се речиси на исто ниво како на зелените пазари, додека нечленските цени се повисоки. Сметаме дека зголемувањето на свесноста за органската храна и  бројот на органски производители кај нас неминовно ќе води кон намалување на продажните цени и поголема достапност за сите. Нашите клиенти се свесни дека е подобро и поисплатливо денес да се вложи во чиста храна, отколку подоцна да се отплаќаат лекови за болести предизвикани од загадена храна.

З.Б-Какви се плановите за во иднина, како ќе се развива „Добра Земја“?

Само што ја отворивме првата специјализирана електронска продавница за органска храна, преку која доставуваме нарачки до дома, засега на територијата на град Скопје и неа ќе ја развиваме во наредниот период. За развојот во иднина, го следиме примерот на Мондрагон од Шпанија, најголемата работничка задруга. Се стремиме кон поставување алтернатива во постоечкиот систем на производство, транспорт и консумација на храна и практично да ги решиме сите предизвици кои стојат на патот кон создавање заедници кои живеат во соработка со природата, наместо нејзино уништување.

 

Анета Блажевска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close