вестиТоп вести

Добра земјоделска практика – придонес за одржливо земјоделство (2)

Добри практики во сточарството се оние што управуваат со сточарските единици, така што се избегнуваат лошите последици за околината, за животната средина и за благосостојбата на животните, избегнуваат биолошко, хемиско и физичко загадување на пасиштата, храната, водата и атмосферата, редовно ја следат состојбата со говедата и соодветно ги регулираат нивниот број, исхраната и поењето. Избираат објекти и опрема за да се избегнуваат штети и губитоци, водат сметка да не се најдат во храната остатоци од користени лекови или други хемикалии, на минимум ја намалуваат примената на антибиотици, ги интегрираат сточарството и растителното производство за да се избегнат проблеми поврзани со загуба на прехранбените состојки и одделување гасови преку ефикасно регулирање на прехранбените состојки, се придржуваат кон правилата за безбедност и ги применуваат утврдените стандарди за безбедност при користење инсталациски машини и друга опрема во сточарството, водат евиденција за прирастот, за размножувањето, за загубите и продажбaта, го планираат производството на добиточна храна и снабдувањето со фуражот.

За добри практики поврзани со здравјето и благосостојбата на животните се признаваат оние што го намалуваат ризикот од инфекции и болести преку добро управување со пасиштата, безбедна исхрана, соодветна големина на стадата и добри услови за нивниот престој, да води сметка за хигиената на животните, зградите и опремата за храна, да гарантира дека вработените се добро обучени да работат со животните и нивно лекување, да бараат совети од ветеринарите за да се избегнат болести и здравствени проблеми, да обезбедуваат добра хигиена во зградите преку редовно чистење и дезинфекција, да обезбедуваат и купуваат ветеринарни производи само пропишани и одобрени, да обезбедуваат постојано и во доволни количества здрава и чиста вода и храна, да се избегнуваат повреди и насилни процедури, како што се сечење опашка, деформација на клунот, да се намалува транспортот на живи животни, животните да се одгледуваат грижливо и да се избегнува употреба на инструменти, како што е електричен остен, да се одгледуваат во соодветни социјални групи таму каде што е можно, да не се охрабрува изолација на животните во кафези како што се кафези за телиња или одделенија за свињи, освен ако не се работи за повредени или болни животни. Добра практика кај собирањето, примарната преработка и чувањето на земјоделските производи подразбира: да се сообразува со преджетвена процедура, да се осигури безбедна работа при преработка на производите на фармата.

За измивање да се користат препорачани препарати и чиста вода, чувањето да се врши во хигиенски и еколошки услови, да се пакуваат прехранбените производи во чисти и приспособени садови во транспортот од фармата, да се користат хумани методи при третирањето пред колењето соодветни за одделни видови животни, да се обезбеди надзор и обука на персоналот и поддршка на опремата.
Добри практики поврзани со управувањето со енергијата и отпадот се сметаат оние што применуваат планови за определен тип вложувања и продукција за користење на енергијата на фармата за храна и агрохемикалиите за да се осигурат ефикасно користење и безбедно отстранување на отпадоците, да се применуваат практики што економисуваат енергија во градење постројки, во големина на машинскиот парк и негово одржување и користење, да применуваат алтернативи во користење фосилна енергија и други енергетски извори како ветер, сонце, биогориво со примена таму каде што е можно, да ги рециклираат биолошките отпадоци, да ги намалуваат отпадоците што не можат да се искористат и да се однесуваат кон нив одговорно, да ги чуваат ѓубривата и другите хемиски средства на сигурно место во согласност со законските регулативи, да воспостават процедури за можно дејствување за намалување на ризиците од загадување и други инциденти, да водат точна евиденција за користење, чување и располагање на енергијата.

Добрите практики поврзани со човечкото здравје и безбедност се оние што ги управуваат сите земјоделски практики за постигнување оптимален баланс помеѓу: економските, еколошките и социјалните цели, обезбедуваат соодветен доход во домаќинството и безбедна храна, се придржуваат кон безбедни процедури на работа преку флексибилно работно време и предвидени периоди за одмор, ги обучуваат сите што работат за безбедно и ефикасно користење на инструментите и машините, плаќаат разумен надоместок за работа и не ги експлоатираат работниците, особено жените и децата.

Добри препораки поврзани со живиот свет и пејзажот се однесуваат на идентификација и чување на местата на дивите животни, како што се изолирани поединечни дрвја на имотот на фармата, воведување можност најголема разнообразност за култури на фармата, го минимизираат влијанието на обработката на почвата и користењето хемикалии врз дивите животни, ги штитат границите на полето за да ги редуцираат штетните плевели и да поттикнуваат разнообразна флора и фауна преку соодветни сорти, ги управуваат водните базени и подводни површини за да ги охрабрат дивите животни да го елиминираат загадувањето, да ги контролираат оние видови растенија и животни чие присуство во фармата е доказ за добра еколошка практика. Воведувањето и примената на добра земјоделска практика не им носи на фармите брзи финансиски резултати, меѓутоа сигурно ќе даде придонес за создавање претстава и имиџ за фармата, а со самото тоа сигурно и трајна предност на пазарот, каде што се обезбедува сигурен пласман и повисока цена на производите.

Значењето на воведувањето добри земјоделски практики е особено важно за општеството, бидејќи таквото примарно земјоделство има непроценлив придонес во заштитата на животната средина и одржливо производство. Од тие причини е потребно државата со аграрната политика да обезбеди соодветно место и финансиски средства за побрзо спроведување на добрата земјоделска практика од страна на нашите земјоделци.


 

novamakedonija.com

Слични написи

Back to top button
Close