fbpx
Вести

Доцни есенската сеидба во најголемата житница Пелагонија

Ниту на Петковден, ниту до Митровден, нема да заврши есенската сеидба во најголемата житница Пелагонија. Покрај неожнеаната пченка на неколку илјади хектари, на чии парцели треба да се посее лебното зрно, главно, поради честите врнежи, доцнењето на сеидбата кај индивидуалните земјоделци, сепак, има и втора причина. Сеидбата досега е реализирана само со десет проценти, а од Сојузот на земјоделците прст вперија во мелничарите, за кои сметаат дека некои од нив се служат со шпекулации. После ценовните откупни игри со годинешната реколта, сега целта им е, да ги одвратат и од сеидба, вели првиот човек на Сојузот Вељо Тантаров.

docni esenskata seidba vo najgolemata zhitnica pelagonija

 

– Низ цело подрачје се шират шпекулации, не знаеме од кои кујни доаѓаат тие, дека не би требало да се сее пченица зашто идната година, откупната цена менаџерите ќе ја понуделе да биде пет денари. Ние не веруваме во тоа, но тоа се гласини што многу од земјоделците ги прифаќаат и не се одлучуваат да сејат – рече Вељо Тантаров, претседател на Сојузот на земјоделците.
Во ЗК „Пелагонија“ сосема обратно. Кај најголемиот производител на храна во Државата, засејани се сите есенски култури во оптималните рокови, а им остануваат уште десеттина проценти од пченицата.
– Без разлика на временските услови, а може да се рече дека релативно се добри, се надеваме дека сеидбата ќе биде завршена до петти ноември. За неколку дена ќе заврши и жетвата на пченката за зрно и ќе ни останат подготовките за пролетните култури – рече Ристо Бошев, директор по земјоделие во ЗК „Пелагонија“.
За да се надминат сите турбуленции со лебното зрно, покрај субвенциите, од Министерството за земјоделство за идната година најавија пополнување на стоковите резерви исклучиво со домашна пченица, бидејќи со претходните искуства, во државните резерви тендерџиите внесуваа и ефтина увозна пченица.
Тагови

Слични написи

Back to top button
Close