fbpx
Вести

Не политичка, туку партнерска соработка на земјоделците со државата, препорачуваат експертите

Не политички организации на земјоделци кои ќе ги претставуваат нивните права, туку партнери на државата во носењето на регулативата и евалуирањето на законските процеси му се потребни на македонското земјоделство за да биде развојно и конкурентно, истакнаа експертите на денешната работилница за семејни фарми во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Како што изјави националниот консултант Љубомир Димовски, политичката компонента мора да се тргне настрана и да се направи анализа на ефектите од досегашната финансиска поддршка во земјоделството врз основа на реални показатели и индикатори, поврзани со спроведувањето на државните мерки.

– Мора да се направи анализа која ќе ги утврди реалните факти од досегашните владини мерки за поддршка, да се утврди како трошењето на парите влијае врз конкурентноста на фармерите и дали реално им помага или не, која е таа нишка меѓу економската и социјалната категорија, истакна Димовски.

Министерот за земјоделство Љупчо Николовски кој се обрати пред почетокот на работилницата, повторно укажа на клучниот предизвик со кој се соочува македонскиот аграр – мали, фрагментирани површини кои го ограничуваат производството и го прават неефективно, нерентабилно, недоволно квалитетно, а и континуирано ја загрозуваат одржливоста на земјоделската дејност. Малите производни капацитети на овие стопанства, посочи Николовски, ја ограничуваат и примената на современа технологија, а моментната техничка опременост е недоволна или застарена.

– Во владината Програма се утврдени стратешките цели кои ќе гарантираат целосно искористување на развојниот потенцијал на земјоделскиот сектор преку зголемување на земјоделските површини и приноси и подобрување на квалитетот и безбедноста на земјоделските производи. Но, за се постигне оваа цел, неопходна е постепена трансформација на постоечката неповолна структура на земјоделски стопанства во насока на специјализирани пазарно-ориентирани земјоделски производители кои ќе употребуваат современа техника и технологија во производството, ќе произведуваат производи со висока додадена вредност и квалитет кој се бара на пазарите, подвлече министерот, потсетувајќи дека веќе е почнат процесот на окрупнување на земјиштето.

Според Мортен Хартвигсен од Регионалната канцеларија на ФАО, на семејното земјоделство кое е клучен ресурс за постигнување одржлив економски, социјален и еколошки развој, му е неопходно посебно внимание и поддршка. Во Македонија, рече Хартвигсен, 87 отсто од вкупната вредност на земјоделското производство ја продуцираат токму малите фармери.

Малите земјоделски стопанства се важен сегмент и во Глобалната агенда за развој на ФАО со оглед дека „целта 2“ предвидува „нула глад“ и налага до 2030 година да се удвојат продуктивноста и приходите на малите производители на храна и семејните фарми.

Просечната големина на земјоделското земјиште во Македонија по земјоделско стопанство според ланските податоци е 1,8 хекатри. Околу 60 отсто од стопанствата обработуваат помалку од еден хектар површина, а околу 20 проценти еден до два хектара. Најголем дел од парцелите се помали од 0,2 хектара. Притоа, индивидуалните стопанства поседуваат повеќе од 80 отсто од обработливото земјиште, а остатокот е во државна сопственост.

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close