fbpx
ВестиМакедонија

„Дрекселмајер“ отвора нова производствена линија во Кавадарци и нов производствен погон во Куманово

Договор за државна помош од 16 милиони евра денеска потпиша Владата со германската компанија „Дрекселмајер“ со кој е предвидено изградба на нова производствена линија во објектот на компанијата во Кавадарци

Договор за државна помош од 16 милиони евра денеска потпиша Владата со германската компанија „Дрекселмајер“ со кој е предвидено изградба на нова производствена линија во објектот на компанијата во Кавадарци, како и изградба на производствен погон во Куманово во кој ќе се вработат 1.000 лица.

– Денешното потпишување на договорот за државна помош е уште една потврда за добриот однос кој Владата го гради со компаниите кои функционираат во земјава како и за поволната бизнис клима која поттикнува нови инвестиции и развој на компаниите, рече вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи по потпишувањето на договорот.

Тој нагласи дека „Дрекселмајер“ е присутна во земјава од 2012 година и е еден од најголемите работодавачи со околу 5.500 вработени во нивата фабрика во Кавадарци.

– Со оваа инвестиција се планира зголемување и проширување на производствените капацитети и опрема за проектот на „Мерцедес Бенц“ – Е класата во постоечкиот објект во Кавадарци и зголемување на производствените капацитети со нови производствен погон и опрема во Куманово за потребите на нивните клиенти „Мерцедес Бенц“ и БМВ за проектите Е класа, Г класа и БМВ клар винг, рече Битиќи.

Државата, како што нагласи вицепремиерот, ќе ја поддржи инвестицијата со ослободување од данок на личен доход за период од 10 години за новите вработувања, ослободување од данокот на добивка за период од 10 години за новите инвестиции, готовински грант во износ од 10 отсто од износот на оправданите инвестициски трошоци но не повеќе од еден милион евра на годишно ниво за максимум  пет години, готовински грант во износ од 2.000 евра по вработен за креирање на нови работни места за месечна нето плата за најмалку 50 отсто повисока од висината на минималната нето плата.

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close