
Годинава има речиси 100 милиони евра за субвенции, но половина се за стари долгови
Од планираните 98,6 милиони евра за финансиска поддршка во земјоделството во 2026 година, речиси 43 проценти се наменети за обврски од претходните шест години. Земјоделците велат дека и натаму чекаат пари за млеко, жито и други производи.
Државата годинава планира околу 98,6 милиони евра за финансиска поддршка во земјоделството, но речиси половина од оваа сума нема да биде наменета за нови мерки и тековно производство. Според официјалната Програма за финансиска поддршка во земјоделството за 2026 година, од вкупно 6,061 милијарди денари, дури 2,625 милијарди денари, односно околу 42,7 милиони евра, се предвидени за заостанати обврски по мерките од програмите за 2020, 2021, 2022, 2023, 2024 и 2025 година. Практично, од секои 100 евра предвидени во редовната програма, повеќе од 43 евра се за стари обврски.
Дел од земјоделците тврдат дека доцнењето на исплатите и натаму создава сериозен проблем, особено бидејќи средствата им се потребни за тековните производствени трошоци.
Перо Стојкоски од Асоцијацијата на земјоделци вели дека има неисплатени субвенции за повеќе производи.
– Нема исплатено субвенции за млеко, за жито. Од лани за годинава, освен тутунот, секаде има недоисплатени субвенции – вели Стојкоски.
Според него, проблем има и кај поддршката по хектар.
– Требаше 12.000 денари по хектар, а по 6.000 се исплатија – вели тој додавајќи дека земјоделците барале средба со министерот за земјоделство за да добијат одговори за динамиката на исплатите.
Стојкоски отвора и прашање околу сертифицираното семе и начинот на кој се носат одлуките.
– Не знаеме кој ја донесе одлуката за сертифицирано семе – вели тој.
Според него, проблемот не е само во висината на субвенциите, туку и во начинот на организирање на земјоделците.
– Треба да се обединиме. Има околу 60 здруженија во Асоцијацијата со 1.300 земјоделци. Се декларираме како земјоделска држава и треба да бидеме водечка сила, а ние сме стегнати, приврзани до една или друга партија – вели Стојкоски.
Агенцијата почна да ги расчистува старите обврски
Од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој во март соопштија дека само во еден месец биле исплатени 1,4 милијарди денари, односно околу 22,8 милиони евра, по основ на заостанати обврски. Дополнително, уште 540 милиони денари, или околу 8,8 милиони евра, биле доставени до Трезорот за исплата.
Од Агенцијата тогаш посочија дека станува збор за расчистување на заостанатите обврски и дека исплатите се реализираат според расположливите средства и обработката на предметите.
Од власта во повеќе наврати тврдеа дека при преземањето на функциите биле затекнати големи обврски кон земјоделците. Од друга страна, опозицијата обвинува дека земјоделците и натаму се соочуваат со доцнење на исплатите и дека дел од средствата не стигнуваат навреме до производителите.
Така, прашањето за субвенциите повторно се претвора во политичко препукување – едните зборуваат за наследени долгови, а другите за неисполнети ветувања и доцнење на тековните исплати.
Тоа покажува дека дел од старите обврски навистина се расчистуваат, но истовремено останува прашањето колкав дел од вкупните 2,625 милијарди денари предвидени за старите обврски е веќе исплатен и колкав износ сè уште останува.
Официјалната програма покажува дека за директни плаќања по единица производ во растителното и сточарското производство се предвидени 2 милијарди денари, односно околу 32,5 милиони евра. За основна поддршка на доходот на земјоделските стопанства се предвидени 770 милиони денари, а за дополнителна поддршка уште 100 милиони денари.
За гориво за земјоделската механизација се предвидени 520 милиони денари, односно околу 8,5 милиони евра.
Но, токму динамиката на исплатата е клучна за земјоделците. Парите што ќе пристигнат по завршувањето на производната сезона не ја имаат истата вредност како средствата што ќе бидат исплатени пред земјоделецот да ги купи семето, ѓубривото, горивото и средствата за заштита.
Плус средства преку интервентниот фонд
Покрај редовната програма, за 2026 година постои и Интервентен фонд за земјоделството, со почетно предвидени 250 милиони денари.
Од нив, 140 милиони денари се наменети за интервенции во земјоделското производство, додека 110 милиони денари се за неизмирени обврски од интервентните програми од 2022, 2023, 2024 и 2025 година.
Така, на хартија, земјоделството во 2026 година има значителен буџет. Но, структурата на средствата покажува дека голем дел од парите се користат за расчистување на обврски од претходни години.
Од една страна, институциите посочуваат дека ги исплаќаат наследените долгови. Од друга страна, земјоделците бараат навремени и предвидливи исплати за да можат да го финансираат новото производство.
Затоа, покрај прашањето колку пари се планирани, за земјоделците останува уште поважно прашањето: колку од тие средства се исплатени, кому му се должат пари и кога последниот денар ќе легне на сметките?
Текст Слободен печат https://www.slobodenpecat.mk/godinava-ima-rechisi-100-milioni-evra-za-subvencii-no-polovina-se-za-stari-dolgovi/




