fbpx
ВестиСоветиТоп вести

Улогата на пчелите во опрашување на овошките

 Пчелите се одгледуваат заради нивните производи (мед, восок, цветен прав, прополис, отров, роеви и матици). Покрај користа што ја имаат пчеларите од пчелите, многу поголема е добивката што ја остваруваат земјоделците од пчелите, преку извршеното опрашување на овошките во време на нивното цветање.

 

Пчелите за да живеат, користат храна – нектар и цветен прав од цветовите на овошките, при што, истовремено го извршуваат опрашувањето. Нектарот како најинтересен за пчелите, е производ кој го лачат жлездите сместени длабоко во цветот, при што, истите за да дојдат до него, мора да се вовлечат во цветот и со допирање на прашниците и толчникот да го извршуваат опрашувањето.

Најголем дел од цветниците прилагодени се на опрашување со инсекти. Меѓу инсектите најзначајни опрашувачи се медоносните пчели кои извршуваат 85% од опрашувањето, а остатокот од 15% отпаѓа на други инсекти. Медоносните пчели ги опрашуваат овошките на температура од 11 до 35 степени, но оптимална температура за опрашување е околу 20 степени.

Оптимален простор за опрашување на овошките е до 400 метри оддалеченост околу поставеното пчелно семејство. Потребен број на пчелни семејства за еден хектар, за добро опрашување зависи од видот на растението и од локалитетот. За јаболко, вишна и слива потребни се во просек 2,5 пчелни семејства, за круша 5 броја, заради малата активност на поленот. Но и неповолните временски услови го зголемуваат потребниот број на семејства на 3 – 4 по хектар.

Медоносните пчели со добро опрашување, придонесуваат овоштарите и другите земјоделци да добијат поголемо производство и плодови со повисок квалитет. Од тие причини, потребно е да се потврди вистината дека пчелите треба да се присутни во овоштарникот и кога не носат мед.

Советник Стеван Стојковски

АПРЗ

Слични написи

Back to top button
Close