вести

Граѓаните се жалеле на стакло и пластика во леб и во мусли

 

gragjanite se zhalele na staklo i plastika vo leb i vo musli

Засмрдена риба и месо, стакло, пластика и метал во леб и во мусли, мувла во слатки и во леб се само дел од пријавите на граѓаните до Агенцијата за храна за годинава. Од јануари до октомври 2016 година се поднесени вкупно 257 претставки, од кои 93 преку бесплатниот телефонски број на Агенцијата. Од вкупната бројка на претставки, 68 се однесуваат на здравствената заштита и благосостојба на животните, а другите 189 на храната од животинско и од неживотинско потекло. Во Агенцијата велат дека од поднесените жалби, најмногубројни се за рестораните и сендвичарниците, но и за популарните „ланч-барови“. Граѓаните најмногу се сомневале на нехигиена при подготовка на храната и на постојна опасност од труење ако ја изедат. Ако се направи споредба од пред неколку години, кога во просек имало по деведесетина претставки, годинава тие се три пати поголеми. Во 2008 година имало 91 жалба, а една помалку е регистрирана следната 2009 година.

download (5)

Се зголемува свеста

Во одделението за заштита на потрошувачите во Агенцијата за храна велат дека кај нив се анализираат причините и опасностите и ризиците на кои се укажува во претставките. Исто така инспекторите реагираат и на предлозите поднесени од граѓаните во областа на безбедноста на храната и ветеринарството.

– Во однос на наводите од претставките, неправилностите на кои укажуваат граѓаните се однесуваат најмногу на непримена на добра хигиенска и производствена пракса. Тука спаѓаат претставки што се однесуваат на лошите хигиенски услови во објектите, на опремата и уредите, на вработените, несоодветна манипулација со храната и слично – велат во Агенцијата. Од таму објаснуваат дека на второ место се претставки што се однесуваат на надворешни измени на храната.

– Органолептички изменети својства на храната како вкус, мирис, боја и тоа на месо, риба, овошје и зеленчук и леб се најчести пријави. Следуваат пријави за присуство на контаминенти како инсекти и непознати примеси. Граѓаните наоѓале и стакло, пластика, метал, како и присуство на мувли и тоа во леб, жита, овошје и зеленчук, млеко и слатки – стои во извештајот.

Граѓаните реагирале и на поминат рок на употреба на месни млечни производи, чоколади, леб, но и на несоодветно означување и сомнежи за труење со храна. Основите во претставките што се однесуваат на здравствената заштита и благосостојбата на животните, најчесто се однесуваат на здравствената состојба и болестите на животните како, на пример, болеста јазлеста кожа, невакцинираните животни, неисплатените субвенции и слично.

Соодветни казни

По основа на постапените претставки од страна на инспекциските служби, од страна на инспекторите донесени се 40 решенија, спроведени се 19 едукации, наплатени се 10 глоби и уништени се 7.440 килограми небезбедна храна. Исто така поднесени се 2 прекршочни пријави.

– Анализата што ја правевме покажува перцепција на граѓаните за опасностите и ризиците од храната. Податоците се доставуваат до сите сектори во Агенцијата, кои при планирањето на инспекциските контроли и другите активности, ги земаат предвид и ризиците и опасностите на кои укажуваат граѓаните. Анализата на податоците го потврдува нагорниот тренд на бројот на поднесените претставки, што, според оцената на Одделението за заштитата на потрошувачите, се должи на подигање на свесноста на граѓаните – велат во Агенцијата.

Тагови

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Back to top button
Close