Грантови за земјоделци од 18 до 40 години

(Oвој напис е објавен на: February 26, 2017)

Идниот месец ќе биде објавен списокот на млади земјоделци што ќе добијат неповратна помош од државата во висина од 10 илјади евра за отворање земјоделски фирми или за модернизација на производството. Владата информира дека во Агенцијата за финансиска поддршка во тек е разгледувањето на апликациите со бизнис плановите за кои државата ќе склучи договори во вкупна вредност од 1,1 милион евра (70 милиони денари).

grantovi za zemjodelci od 18 do 40 godini

 

“Неповратните средства се обезбедени за модернизација на нивното производство, за обезбедување модерни технологии и практики во рамките на нивниот бизнис. Co нив треба да се обезбеди развој на дејноста, повисоки приноси и поголема профитабилност. Исплатата на помошта ќе се прави за едногодишен, двегодишен или тригодишен период, како што побарале земјоделците во рамките на нивните барања”, изјави Александар Ѓеорѓиев, портпарол на Владата.

Според Ѓеорѓиев, овој вид финансиска поддршка му се доделува на млад земјоделец кој првпат почнува да се занимава со земјоделска дејност, преку преземање на постоечко земјоделско стопанство или формира ново земјоделско стопанство.

Потенцијални корисници на поддршката се млади земјоделци на возраст од 18 до 40 години, носители на земјоделско стопанство запишано во единствениот регистар на земјоделски стопанства во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, кои ги исполнуваат условите од програмата за рурален развој.

Оваа мерка од Владата беше воведена во 2012 година, и досега се склучени договори за финансиска поддршка во вкупна вредност од околу 100 милиони денари.