Инцидент на протестот на производителите на сливи и блокади

Истурајќи ги сливите на регионалниот пат Делчево-Берово производителите денеска го искажаа својот револт, поради тоа што нема откуп и цена на нивниот производ. Околу сто производители на сливи со својата земјоделска механизација го блокираа патот Делчево-Берово. Од страна на министерството ветено им е дека во среда ќе се појават откупувачите на терен.

Додека траеше блокадата имаше и инцидент. Сливарите реагираа зошто неуниформирано лице ги снима и нив, но и нивните трактори. Интервенираше и полицијата.

Ресорното министерство денеска повторно истакна дека донесени се две интервентни мерки за стабилизирање на откупот со сливи, едната е два денари за откупувачите,  а за производителите субвенција од три денари за килограм.

„Финансиската поддршка за откупувачите ќе важи за откупени количини на сливи до 15 септември 2018 година, по откупна цена не пониска од 5 денари за килограм за индустриски сливи. Оваа субвенција ќе важи и за откупувачите кои ќе откупат свежа слива, со кои што на еден од состаноците е договорена откупната цена за оваа слива да не биде пониска од 8 денари за килограм“, велат од министерството.

Од МЗШВ велат дека вкупно 20 компании откупуваат сливи на теренот, а на произцодителите им се даваат и кантарни белешки. Во малешевско-пијанечкиот и радовишкиот регион оваа година има род од 15.000 тони сливи.


 

telma

Share Button