Како се чува виното

(Oвој напис е објавен на: February 26, 2017)

Причината зошто виното се чува во подземни визби се должи на идеалните услови кои се обезбедени во овие простории. Најдобро е виното да се чува на мирно, темно и студено место, со доволен процент на влажност (70-75%). Шишињата се поставуваат во легната положба бидејќи затворачот мора да биде постојано влажен за да се спречи негово исушување и навлегување на кислород во шишето. Пенливите вина и вината затворени со навоен затворач може да се чуваат и во исправена положба затоа што не постои опасност од навлегување на кислород во шишето и оксидација на виното.

kako se chuva vinoto

 

Виното не се чува близу до извори на топлина и светлина, како и до машини што вибрираат. Најдобро е да се одржува постојана температура во просторијата затоа што температурните осцилации му штетат на виното. Исто така, неповолни се и високата температура и јаката светлина бидејќи може да предизвикаат оксидација на виното.

Доколку немате соодветна подземна просторија за чување на виното, обидете се да најдете темно, затворено место, со постојана температура, далеку од апарати кои вибрираат. Во последно време, сè повеќе љубители на виното се одлучуваат виното да го чуваат во специјални ладилници за вино кои обезбедуваат идеални услови за чување на виното во домашни услови.