
Серафимовски: Откупот тече непречено, над 54 милиони килограми грозје веќе се во домашните винарии и на странските пазари
"Лозарите немаат никаква корист од политичкиот натпревар во кој од изолирани случаи се конструира слика дека откупот се одвива отежнато или дека е запрено преземањето на вранецот. Таквите тврдења не одговараат на фактите од откупните места“, изјави министерот Серафимовски.
Серафимовски: Откупот тече непречено, над 54 милиони килограми грозје веќе се во домашните винарии и на странските пазари
Откупот на грозјето продолжува непречено, откупните пунктови работат, а лозарите го предаваат својот род, порача министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски при денешната посета на неколку откупни места во Кавадарци, каде непосредно се запозна со текот на приемот и преработката на грозјето.
„Лозарите немаат никаква корист од политичкиот натпревар во кој од изолирани случаи се конструира слика дека откупот се одвива отежнато или дека е запрено преземањето на вранецот. Таквите тврдења не одговараат на фактите од откупните места“, изјави министерот Серафимовски.
Тој информираше дека според најновите податоци, 14 винарии на 19 откупни места досега откупиле и преработиле над 35 милиони килограми грозје. Околу 15 милиони килограми се црвени сорти, меѓу кои доминантно е застапен вранецот, додека над 20 милиони килограми се бели сорти. Дополнително, винариите од сопствените лозови насади собрале и преработиле над седум милиони килограми грозје, од кои 3,1 милиони килограми црвено и 3,9 милиони килограми бело грозје. Уште 1,5 милиони килограми се откупени и преработени од страна на семејните винарии. Вкупното количество набрано и преработено во домашните винарии со тоа надминува 43,5 милиони килограми.
„Значаен дел од овогодишниот род добива пласман и надвор од домашниот пазар. Досега се извезени над 10,5 милиони килограми винско и трпезно грозје. Кога ова количество ќе се додаде на родот преземен и преработен од домашните винарии, вкупно досега од лозовите насади се набрани над 54 милиони килограми грозје“, рече министерот Серафимовски.
Тој нагласи дека Државниот инспекторат за земјоделство засилено го следи целиот процес и секојдневно се вршат контроли на 19-те откупни места низ државата, при што се проверуваат мерењето, класификацијата, документацијата, евиденцијата и почитувањето на условите за откуп.
„Ги повикувам лозарите секој конкретен проблем веднаш да го пријават до Министерството или до Инспекторатот. Секоја конкретна забелешка од лозарите се проверува и за секоја утврдена неправилност ќе има соодветно постапување“, рече министерот Серафимовски.
Коментирајќи ги политичките реакции за текот на откупот, министерот Серафимовски оцени дека Левица преку селективни и драматизирани објави се обидува да создаде паника, без да понуди применливо решение за откуп, финансирање или сигурна исплата. Според него, партијата го нарекува лозарот статист, а истовремено го претвора во дел од сопствената политичка претстава.
„Со паника не се откупува ниту еден килограм грозје, не се отвора откупен пункт и не се обезбедува исплата. Додека Левица се занимава со политичка режија, лозарите го предаваат родот, визбите вршат прием и откупот континуирано продолжува“, истакна министерот Серафимовски.
Осврнувајќи се на ставовите изнесени од опозицискиот СДСМ, Серафимовски посочи дека оваа партија во текот на седумгодишното владеење не изградила стабилен систем на договорно производство, сигурен пласман и рамноправен однос меѓу лозарите и откупувачите. Тој оцени дека зад претходната власт останале наталожени проблеми и Закон за вино кој не ги затворил клучните слабости во секторот.
„СДСМ денес најгласно зборува за прашањата што не успеа да ги реши додека ја имаше одговорноста. Сопствените пропусти не можат да се преименуваат во туѓа вина, ниту проблемите оставени со години да се претставуваат како да настанале денес“, порача министерот Серафимовски.
Тој нагласи дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и надлежните институции остануваат целосно ангажирани до крајот на бербата, со очекување откупот во следните денови да продолжи со уште поголема динамика.
„До лозарите упатувам апел продолжете да го предавате родот и пријавете го секој конкретен проблем на откупните места. Не дозволувајте непроверени и политички режирани објави да внесуваат неизвесност во деновите кога се вреднува вашиот целогодишен труд. Откупот тече, пунктовите работат, а нашата цел останува грозјето да добие пласман, а лозарите сигурна и навремена исплата за вложениот труд“, порача министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски.




