Земјоделец со два декари лозје, две крави и дваесет кози нема да добие субвенција
– Јас садам два декари со краставици, два декари со домати, два декари со зелка… вкупно имам 10 декари и нема да земам субвенции. Новата програма не само што нема да го зголеми земјоделството производство туку и многу земјоделци што нема да земат субвенции ќе ги намалат површините и ќе се намали и производството на храна. Освен тоа, државата ќе нема вистинска слика за тоа колку површини се обработуваат и колкави количини се произведуваат, поради тоа што може оние што имаат помали површини да произведуваат повеќе – изјави за весникот ВЕЧЕР Ристо Велков, претседател на Регионалниот сојуз на земјоделците од Струмица.
Ако имате два декари лозје, две крави, дваесет кози… нема да добиете субвенции. Државата ги заострува критериумите за добивање субвенции преку новата програма за финансирање, вредна над 98 милиони евра. Програмата предвидува повисок долен праг за субвенции во сточарството – ќе бидат потребни најмалку три крави, во козарството минимум 30 грла, а за пчелни семејства – 30 колонии. Лозарите ќе можат да конкурираат само со површина од најмалку 0,5 хектари, а, исто така, се зголемува минималната површина за полјоделските и за градинарските култури. Освен тоа, најмалку 30 отсто од произведените производи треба да се предадат во откупен центар или кај преработувачи за да се добие субвенција. За пченицата, пак, се бара користење на сертифициран семенски материјал, објаво Вечер прес.
Новите правила за добивање субвенции, според министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, се со цел парите да одат кај вистинските земјоделци и да се зголеми производството на храна. Но, за земјоделците, промената на условите за субвенционирање ќе има контраефект. Тие се исплашени дека поголем дел од нив ќе останат и без оние малку субвенции што ги земале, што ќе придонесе за намалување на земјоделското производство.
Доколку се планираат измени во начинот на субвенционирање, тие бараат да се формира посебно тело во кое, покрај министерот, ќе бидат вклучени и производителите и науката. Исто така, сметаат дека пред да се донесат вакви законски измени, претходно треба да има дебата, а не тие да се носат прекуноќ.
– Јас садам два декари со краставици, два декари со домати, два декари со зелка… вкупно имам 10 декари и нема да земам субвенции. Новата програма не само што нема да го зголеми земјоделството производство туку и многу земјоделци што нема да земат субвенции ќе ги намалат површините и ќе се намали и производството на храна. Освен тоа, државата ќе нема вистинска слика за тоа колку површини се обработуваат и колкави количини се произведуваат, поради тоа што може оние што имаат помали површини да произведуваат повеќе – изјави за весникот ВЕЧЕР Ристо Велков, претседател на Регионалниот сојуз на земјоделците од Струмица.
Според него, на овој начин ќе се демотивираат ситните земјоделци, бидејќи субвенциите ќе отидат кај оние што имаат поголеми земјоделски површини и повеќе грла добиток.
– Во Македонија, просечната земјоделска површина од земјоделец е 0,7 хектари. Тоа значи дека поголем дел од земјоделците нема да влезат во програмата за субвенционирање. Пред да се носат вакви промени, треба да се направат анализи на терен, да се формира едно тело со сите чинители и да се отвори дебата, а не веднаш да се носат одлуки – вели Велков.



