Ќе добие ли македонија квоти за извоз на јагнешко во Турција?

(Oвој напис е објавен на: February 13, 2018)

zaev

Ја искористивме приликата да побараме, Владата на Република Турција да размисли за овозможување квоти за Република Македонија, за извоз на телешко и јагнешко месо, како што е тоа овозможено за БИХ и Република Србија, изјави премиерот Зоран Заев на заедничката прес конференција со  турскиот премиер Бинали Јилдирим.

Заев посочи дека заедно со премиерот Јилдирим, и двете владини делегации, вчера разговарале за интензивирање на економската соработка помеѓу Република Македонија и Република Турција.

Постои, како што додаде, интерес од страна на компаниите од Турција за инвестирање во Република Македонија, посебно по стабилизацијата на политички план и отворените перспективи на нашата држава кон Европската унија и кон НАТО.

Премиерот изрази благодарност до Република Турција за големата поддршка што и ја дава на наша земја на полето на инвестициите и за интеграциите на Република Македонија во НАТО.

– И инвестициите и членството на Република Македонија во НАТО се важни за економскиот развој на нашата држава, како и за остварувањето на нашите стратешки цели и секој искрен пријател на Македонија е драгоцен, а посебно кога станува збор за традиционален, докажан пријател како што е Турција – рече Заев.

Тој информира дека е договорено двете страни  силно да се заложат за отворање можности, за унапредување на соработката и во сите други области кои се од интерес на граѓаните.

– Лоциравме дека во енергетиката, земјоделството, индустријата, градежништвото и инфраструктурата, но и во одбраната и безбедноста, постојат и интерес и потенцијали да се продлабочи соработката и на тоа ќе работиме во претстојниот период – рече Заев.

Тој на прес конференцијата упати отворен повик до инвеститорите од Турција.

– Уште еднаш и во оваа прилика ќе ја повикам бизнис заедницата во Турција, дојдете, запознајте се со новите услови и можности за инвестирање во Република Македонија, тие партнерства ќе бидат во интерес и на граѓаните на кои им се потребни нови вработувања, но и на придобивки на економски план, за двете држави -рече Заев.

Турскиот премиер Бинали Јилдирим соопшти дека расте интересот на инвеститорите од Турција за инвестирање во Македонија.

Јилдирим додаде дека има можности за продлабочување на соработката со трговска размена од една милијарда евра. Исто така и дека Република Турција ја поддржува Република Македонија во НАТО и ЕУ интеграциите.