fbpx
ВестиВкусот на традицијатаТоп вести

Крушевчанки го поттикнуват  женското претприемништво и негувањето на традиционалните вредности

Крушево

 

 

Десетина членки на Здружението на жени „Крушевска жена“ од Крушево ги поттикнуваат  жените од руралните средини да произведуваат домашни производи. Прават  разни сирупи, џемови и мармалади и посебни старински лекови кои го подобруваат имунитетот.

 

Вкусен пијалок или лек за душата, е оревовката од Крушевската корија произведена од вредните раце на Елизабета Божиновска од Крушево. Популарниот лек од зелени ореви таа го приготвува со многу љубов и внимание зошто тој во исто време е и пијалок кој може да се консумира во текот на целата година.

Оревите се лек за многу болести, а подготвени како оревовка се корисни за тироидната  жлезда, грлото, дишните патишта и едноставно го јакнат имунитетот, вели оваа крушевчанка.

-Оревовката  ја приготвувам еднаш годишно, во втората половина на мај кога оревчињата се со големина на лешник. Така 40 оревчиња ставам во алкохол со шеќер и го оставам на сончева светлина точно 40 дена, за самиот сируп да добие густина со растопувањето на шеќерот. После тоа време го процедувам и го ставам во соодветна амбалажа која ја носам на пазарот. Оревовката е „прва помош“ за многу проблеми  зошто е концентриран напиток со јод, и е здрава за нас. Се пие по една мала чашка за ракија, секое утро. Тој што пробал од нашиот  производ ми се јавува и бара повторно да купи, вели Божиновска.

Таа е претставник на Здружението  на жени-„Крушевска жена“, производители на здрава еколошка храна. Одгледуваат насади од аронија на 1 хектар, додека сите други производи ги користат од диво никнати растенија во околината на Крушевската  корија. Произведуваат  разни сирупи, џемови и мармалади, и посебни старински лекови кои го подобруваат имунитетот кај човекот или пак превенираат и лечат некои болести.

Природни  сирупи од глуварче и бел бор ги продава по 80 до 100 денари колку што чини едно кафе во кафетерија, додека пак џемовите и мармаладите по 150 денари од тегла.

-Од чиста еколошка средина произведуваме сирупи, мармалади и многу други производи кои се здрави, чисти и од не прскани земјоделски продукти.  Ги поттикнуваме жените од руралните средини да произведуваат домашни производи. Ние сме десетина членки на Здружението на жени „Крушевска жена“ –Крушево кои што произведуваме природни сирупи против кашлица и други белодробни заболувања како и мевлеми за некои кожни заболувања, вели Божиновска.

Според неа Здружението „Крушевска  жена“ има за цел да го подобри животниот стандард на жените и да ја зголеми инклузијата и родовата еднаквост преку јакнење на капацитетите, поттикнување на женско претприемништво и негувањето на традиционалните вредности.

А.Блажевска

Слични написи

Back to top button
Close