вести

Лешниците стануваат исплатлив бизнис

Откупот на родот е загарантиран по моменталната берзанска цена на лешникот во Италија.

leshnicite stanuvaat isplatliv bizniz

Одгледувањето лешници станува исплатлив бизнис во Македонија и сѐ повеќе граѓани се интересираат за начинот на производство и пласманот на овие јаткасти плодови. Земјоделците што веќе вложиле во овој агробизнис велат дека инвестицијата не е голема, а наедно носи одлична заработка. Претседателот на здружението на земјоделци „Агрофаланга“, Љупче Станковски, вели дека за еден наш земјоделец да почне да се занимава со одгледување лешници на хектар површина, во почетокот му се потребни 2.000-2.500 евра, вклучувајќи ги садниците, работната рака и сите агротехнички мерки преземени навреме.

– Лешникот како инвестиција станува исплатлив со оглед на високите цени што ги постигнува на светските берзи. Тој тренд, според експертите, ќе продолжи и понатаму. Причина се големата побарувачка што се појавува во кондиторската индустрија и неможноста да се изврши замена на плодот – вели Станковски.
Тој вели дека поради тоа што лешникот се користи како цел плод, земјоделците можат да добијат повеќе за својот труд.

Според земјоделецот Сашо Крстевски, кој околу пет години се занимава со производство на лешници, инвестицијата се враќа за четири-пет години. Тој вели дека позитивно е што откупот на родот е загарантиран по моменталната берзанска цена на лешникот во Италија, која се движи околу 4 евра за килограм некршен лешник и 10 евра за килограм кршен лешник.

FreeImageWorks_com FDC90089

Крстевски вели дека со одгледувањето на садниците од сортата лешници тонда џентиле дела ланге, од кои се прави познатиот чоколаден крем „нутела“, порастот на бизнисот е загарантиран. Тој појаснува дека пред да почне да увезува садници засадиле тест-садници во Виница за да видат како ќе напредуваат и, по неколкугодишен надзор, од италијанскиот агроном е уочено дека Македонија е идеално подрачје за одгледување на оваа италијанска сорта на лешници, бидејќи имаме долги и топли лета и доволна количество вода, како и добра вегетација.

– Пред неколку години Италијанците ги анализирале климата и поднебјето на Македонија и заклучиле дека таа е извонредна земја за одгледување на сортата тонда џентиле дела ланге – вели Крстевски.

Тој вели дека садниците ги набавува од компанија од Италија, која потоа го откупува родот.

– За да се комплетира кругот на производство, во Виница изградивме откупно-дистрибутивен центар за преземање и за дообработка на лешниците и ќе почне со работа од оваа година – истакнува Крстевски.
Тој додава дека производството на лешници во седмата година е најпрофитабилно и дека е долгорочен бизнис, бидејќи раѓа плод до 50 години.

– Италијанските компании беа принудени да увезуваат лешник од Чиле, Аргентина и други подалечни земји, за што, пак, имаат огромни трошоци. Затоа, тие ја сметаат Македонија за поатрактивна, бидејќи имаат помали транспортни трошоци – појаснува Крстевски.

Тој вели дека сето ова им оди во прилог на сите заинтересирани земјоделци од Македонија што сакаат да почнат сопствен семеен агробизнис.

– Нашата клима одговара за насади со лешник, но кога ќе погледнеме како се работи во светски развиените држави со големо производство, како Турција, тој се сади на места поставени на нула надморска висина, па до 1.000 метри. Најбитно од сѐ е да се применат прописно сите агротехнички мерки што ги препорачуваат агрономите – истакна Станковски.

Според него, кај нас постои интерес за овој агробизнис, но сепак тој е по малку во сенка во споредба со одгледувањето ореви.

– Битно во сето ова е што Македонија како држава со зголеменото производство на лешници ќе стане понезависна од нивниот увоз, а со тоа и одливот на девизи. Како секундарен ефект е вработувањето нови земјоделци и подобрување на нивната благосостојба – објаснува Станковски.

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close