fbpx
Вести

Лошото време го намали квалитетот на тутунот

Поради постојаните врнежи и неповолните временски услови тутунот во моментов е со многу лош квалитет, тутунарите велат доколку продолжи ваквата ситуација преку целото лето, може да се очекува катастрофална сезона. Од Сојузот на тутунарски здруженија на Македонија велат дека нема да се остварат очекуваните 28 милиони килограми, ќе биле среќни доколку во државава се произведат околу 23 милиони килограми.

„Долните берби се со лош квалитет поради тоа што немаме доволно сонце, се надеваме дека временските услови ќе бидат погодни во август каде што се очекуваат горните берби каде иима подобар квалитет. Доколку продолжат ваквите временски услови ќе имаме полош квалитет со тоа што се надеваме дека откупните претпријатија заедно со министерството за земјоделство ќе превземат некои мерки и нема да ги остават тутунарите, тутунот да помине пошто-зошто“, изјави Кире Неделкоски, претседател на Сојуз на тутунари на Македонија.

Тутунарите се исплашени, велат дека единствено сончево време во периодот кој доаѓа можело да ја спаси годинешната реколта.

„Во текот на развојот прилично многу ни дојде количина на дожд и се јави слаб квалитет на тутунот и прилична големина на листот, поголема од нормалната“, вели Ристе Јошески, тутунар од Прилеп.

„Незнам како ќе биде оваа година со квалитетот на тутунот, многу врнеше, многу брзо израсна“, рече Тоде Димоски, тутунар од Прилеп.

„Не чини бидејќи има многу врнежи, сега нема квалитет, за после ќе видиме, сега се расипува“, кажа Лазе Цветаноски, тутунар од Прилеп.

Тутунарите остануваат на ставот за зголемување на цените на тутунот и биле во преговори со откупувачите, но и тоа било неизвесно.

„Баравме прва класа да се зголеми за 10%, втора класа за 20% и трета класа за 30%“, додаде Кире Неделкоски, претседател на Сојуз на тутунари на Македонија.

Производителите очекуваат со новиот закон за тутун да им бидие овозможено пред време да ја знаат цената по килограм тутун за да потоа сами одлучат со кој откупувач ќе склучат договор.


 

сител

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close