
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести
Љупчо Николовски -Ми монтираат случај кој треба да го оттргне вниманието од вистинските проблеми на земјоделците
Криминалот не се покрива со монтирани случаи. Неспособноста не се крие со напади врз туѓите успеси. На земјоделците, винарите и производителите кои ме контактираа овие денови, Ви благодарам. Вие знаете што направивме, објави Николовски.
Екс министерот Љупчо Николовски јавно реагираше на полседните случување со неговото повикување во МВР.
Реакцијата ви ја пренесуваме во целост
Почитувани граѓани, земјоделци, пријатели,
Еден монтиран случај. Толку им требаше на актуелното раководство за да се обиде да ја покрие сопствената неспособност и криминал и тоа напаѓајќи ја најуспешната реформа во земјоделството.
Се случува ова во момент кога незадоволството кај земјоделците е на невидени размери: доцнат субвенциите, ниски се откупните цени, поништени се повиците за рурален развој. Кога владата не може да се справат со вистинските проблеми, се вклучува пропагандната машинерија за дефокус.
Сакам директно да им се обратам на луѓето зад бројките, зошто за оваа Влада тоа се само бројки, а за мене се лица и семејства:
На над 270-те нови семејни винарии кои ги отворивме заедно. На лозарите кои конечно престанаа да го продаваат родот за бесмислени цени и почнаа сами да произведуваат вино со свое име и своја етикета.
На над 4.000-те мали производители на храна кои денес легално, од куќен праг, ја продаваат својата работа.
На производителите на околу 1.000-те нови етикети македонски вино што го има веќе секаде низ светот.
На семејствата во руралните средини чии деца останаа дома, во своето село, наместо да заминат.
Тоа е реформата за која ме напаѓаат.
И зошто токму сега? Затоа што наместо реформи имаме:
Осудена советничка на министерот во ИПАРД скандалот
Уапсен директор на Платежната агенција, фатен на дело со пари
Уапсен директор на Земјоделскиот инспекторат
Мито од по 50.000 и 100.000 евра
Блокирани ИПАРД фондови, доцнат субвенции, поништени повици.
Не станува збор за прекршување на Законот за јавни набавки, ниту за пријава од земјоделци. Станува збор за монтиран случај кој треба да го оттргне вниманието од вистинските прашања.
Криминалот не се покрива со монтирани случаи. Неспособноста не се крие со напади врз туѓите успеси.
На земјоделците, винарите и производителите кои ме контактираа овие денови, Ви благодарам. Вие знаете што направивме.
Вие живеете од таа реформа.




