fbpx
Вести

Македонското месо не е „пумпано” со антибиотици

Лани од фарми, производни погони и ресторани се земени 1.200 мостри за испитување присуство на антибиотици во храната, ама сите покажале дека во месото и млекото немало остатоци од антибиотици, што, пак, наведува на заклучок дека во земјава се употребуваат безбедно млеко и месо.

makedonskoto meso ne e pumpano so antibiotici

 

Во земјава лани се потрошени 3.500 килограми антибиотици за лекување животни, но нема забележано случај на злоупотреба на антибиотиците за зголемување на нивната тежина. Лани од фарми, производни погони и ресторани се земени 1.200 мостри за испитување на присуство на антибиотици во храната, ама сите покажале дека во месото и млекото немало остатоци од антибиотици, што, пак, наведува на заклучок дека во земјава се употребуваат безбедно млеко и месо. Ова беше речено на одбележувањето на Светскиот ден на правата на потрошувачите, чие мото годинава е „Антибиотиците надвор од менито!“ што го организира Организацијата на потрошува чи на Македонија.

– Македонските закони дозволуваат присуство на антибиотици во сооднос од 0,1 до 0,15 килограми на тон месо. Со овој норматив Македонија се приближува на Норвешка, која во Европа има најригорозен норматив. Холандија, која е познат производител на млеко и месо, дозволува до 0,2 килограми на тон, а во САД просекот е 0,4 килограми на тон месо рече во своето излагање Кате Стојановска, раководителка на сектор за заштита на потрошувачите во Агенцијата за храна и ветеринарство.

Директорот на Агенцијата, Зоран Поповски, посочи дека од востанувањето на нормативот за употреба на антибиотици во 2002 година па се до лани контролите утврдиле само 4-5 случаи на поголемо присуство на антибиотици во млеко.

Случаите се откриени при редовни контроли во фармите и целото количество на млеко е уништено. Инаку, обврската за контроли на антибиотици се врши во целиот тек на производство од фармата па се крајниот производ, а со овој сегмент сме целосно усогласени со стандардите на Европската Унија и поради редовниот извоз на храна во Унијата рече Поповски.

Според него, во земјава се употребуваат безбедно месо и млеко, а кампањата што ја спроведува Организацијата на потрошувачите по повод Светскиот ден на правата на потрошувачите е само прилог во едукацијата на граѓаните за постоење на опасноста од злоупотреба на антибиотиците.

На светско ниво, според истражување во САД, 82 отсто од антибиотиците се употребуваат кај животните, а само 10 отсто кај луѓето.

– Загрижува фактот што дел од овие антибиотици наместо за лекување се употребуваат за зголемување на тежината на животните и голем дел од нив како остаток завршуваат во исхраната на луѓето. Ваквата злоупотреба влијае врз зголемена отпорност на микроорганизмите кон антибиотиците и намален ефект врз лекувањето. Тоа, според некои испитувања, би одзело по 10 милиони луѓе годишно, а државите би ги чинело 50 милиони долари вели Стојанова.

Во рамките на Светскиот ден на правата на потрошувачите, Организацијата на потрошувачи организира кампања за злоупотреба на антибиотиците и промовираше веб-страница и брошура со совети и правила за исхрана.

– За подобро детектирање на нутритивната вредност на прехранбените производи, Организацијата на потрошувачи направи мобилна апликација, која има семафор и ќе може да се утврдува која храна има поголемо количество масти, шеќер, сол, кои имаат штетно влијание на здравјето на луѓето објасни Маријана Лончар-Велкова, претседателка на ОПМ.

Лани до Организацијата на потрошувачи биле доставени 2.700 поплаки на граѓани, а до инспекциските служби пристигнале 5.000 поплаки. Во нив граѓаните се жалеле на неквалитетни производи, изминат рок на производи, на гарантниот рок и слично.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close