Македонско замрзнато јагне, на пазарот во Кина

Македонското јагне од в година има можност да се сервира на кинеската трпеза. Но наместо во свежа состојба како на традиционалните пазари во Хрватска, Грција и Италија, Kина го бара нашето јагне во замрзната состојба. Неделава се очекува средба со надлежните од Агенцијата за храна и нашите кланичари и одгледувачи да им се презентира можноста и да им се соопштат условите. За стопанството ова би значело дополнителен прилив на средства кои секоја година се движат од 11 до 15 милиони евра. Добрите познавачи на состојбите велат дека на кинескиот пазар би можеле да завршат пазарните вишоци кои остануваат секоја година, но и поголемите јагниња кои не ги сакаат купувачите од традиционалните пазари.
46319

Потпишан протокол

Во Агенцијата за храна не даваат детали за договорот и за количината која би завршила од следната година во Kина и информираат само дека директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Поповски, со претставници од Генералната администрација за надзор на квалитет, инспекција и карантин на Народна Република Kина, потпишал протокол за извоз на замрзнато јагнешко месо на кинескиот пазар.

– Со протоколот договорени се здравствени барања за карантин кои треба да се исполнат за извоз на замрзнато јагнешко месо на кинескиот пазар, одговорностите на Агенцијата за храна и ветеринарство во делот на вршењето на инспекцијата, карантинот на јагнињата кои ќе бидат наменети за извоз, како и за издавањето на здравствените сертификати – велат во Агенцијата.

Од таму објаснуваат дека во наредните денови Агенцијата ќе оствари средби со претставници од здруженијата на кланичарите и сточарските здруженија, со кои ќе се разгледаат деталите од протоколот и ќе се дефинираат идните чекори за реализација на извозот на замрзнато јагнешко месо на пазарот на Народна Република Kина.

3cc

Значителен девизен прилив

Официјалните податоци велат дека Македонија на традиционалните пазари извезува од 2.000 до 2.500 тони јагнешко месо. Вкупниот годишен девизен прилив од извозот на јагнешко е од 11 до 15 милиони евра. Нашето јагне секоја година завршува на традиционалните пазари како Италија, Грција и Хрватска. И в година се очекува извоз на околу 270.000 јагниња за цена од 150 денари жива мера.

Во 2014 година вкупниот извоз на јагнешко месо изнесувал 2.713.890 килограми, односно на странските пазари биле пласирани над 270,3 илјади јагниња, а слични количини – 2.748.201 килограми, односно повеќе од 272 илјади јагниња се извезле и во 2013 година.

Вкупниот извоз на јагнешко месо во 2012 година изнесувал 2.526.700 килограми, односно приближно 220 илјади јагниња.

јагне

Досега на италијанскиот пазар се пласира само млечно јагне старо од 25 до 40 дена. Според податоците на Агенцијата за храна и ветеринарство, лани во зимскиот период се извезени над 30.000 јагниња, а за в година, ако се оди според планираното, бројката треба да биде далеку поголема.