Малината најдоходовен производ

                 

Нетрадиционалните земјоделски култури кои во последно време се засадуваат во полошко се покажаа како исплатливи за одгледување. Малината која започна да се засадува од 2015 година на површините во Општина Јегуновце дава добар род, квалитет има добра цена и загарантиран откуп.

Лупчо Ѓорѓески кој работи во фирма која одгледува Малина во тетовско Јанчиште, вели дека идејата за насад ја добиле од Србија и Косово. Во Македонија немало се уште насад со малини, па одлучиле насадот да го порачаат од Чачак Србија, и сега истиот го имаат сертифицирано како македонски.

-Цената се движи околу 1,5 евро по килограм. Првиот насад беше засаден во 2015 година во ноември. Ова е трета година како добиваме род од тој насад кој го засадивме во 2015 година. Имаме и насад кој годинава ќе ни даде за прв пат род. За оваа година имаме два хектари посадено, а уште еден хектар имаме кој е засаден во ноември 2018 година тој ќе биде за догодина. Во Македонија ние сме први  и со извоз и тука продаваме за домашен пазар, вели  Лупчо Ѓорѓески од село Јанчиште вработен во фирма која одгледува Малина.

Тој вели дека засега имаат склучено договори со 30 кооперанти кои засадуваат малини и кои веќе имаат загарантиран откуп. Им даваат совети како да ја одгледуваат малината, за да имаат профит. Вели дека имаат потреба од уште толку кооперанти, затоа што таму каде што ја извезуваат им бараат поголеми количини.

-Имаме ладилник за околу 200 тони малини, а лани продадовме 80 тони заедно со другите кооперанти. Да имаме малини би го зголемиле капацитетот за да ја чуваме малината. Ние првиот извоз годинава го направивме во Германија, и таму направивме извоз околу 40 тони. Но тие ни бараат уште, уште три шлепери, односно 60 тони, ама немавме малина и така им кажавме. Толку имавме,  оваа година очекуваме поголем род  дека имаме повеќе кооперанти, рече Ѓорѓески.

    Одгледувањето на малина не бара голем труд и влог

Дел од кооперантите кои започнале да засадуваат малини. велат дека одгледувањето на малини не е тешко и е доста исплатливо, затоа што е загарантиран откупот. Има пероди кога воопшто не се работи, но за време на бербата во месец јуни мора секојдневно да се биде на нива, и плодот веднаш да се собере. Велат дека се нови во оваа работа и ретки на македонскиот пазар, затоа мора и да експериментираат.

-Производството оди најпрвин со засадување на есен на корчето, наредна година на пролет израснува и првата година нема работа само плевење, после има врзување конци и тоа е, нема посебна работа. Нормално дека мора да се експериментира. Правиме со препарати експерименти помалку одиме со рачна работа, имаме заштитни мрежи мора со нешто да се експериментира. И пробавме да садиме корчиња кои се од земја излезени така дава род веќе првата година, не мора две години да чекаме. Треба да се садат малини, еве јас садам малини, иако работам тука во фирмата во Јанчиште за одгледување на малини, и јас сум кооперант фактички во фирмата во која работам. Не е тешко, ако не можеш денес да ја работам малината можам да ја одложам за утре или задутре, вели еден кооперант.

Од фирмата производител на малина, велат дека досега најголем проблем им било бербата на малината, затоа што многу тешко можеле да најдат берачи. На младите велат не им се работа на поле.

-Сите велат нема работа, а тука дневница даваме над 1000 денари, но на никого не му се работа. Се бере претпладне и доцна попладне , кога се најголемите горештини не се бере малината. И затоа е проблем со бербата, мора да се бере речиси цел месец секој ден. А ако не дојде берачот некој ден на пример, малината одма скапува. Еден човек може за 8 часа да собере до 70 килограми, велат оттаму.

За оваа година велат дека имаат  обезбедено машина за берење на малина, и проблемот ќе биде надминат.

Трошоците за одгледување на малина не се големи. На еден декар според проценките на кооперантите, трошокот за одржување односно за ѓубре и за препарати е околу 100 евра. Малината има род некаде околу 2 тони од декар минимум, или пак во пари тоа се некаде околу две илјади евра.

Но и покрај ваквата математика, земјоделците во тетовско се уште се занимаваат со традиционалните производи грав, пченка, пченица јаболка, за кои од година вгодина има се помалку откуп и ниски цени.

Зоран Димовски

Share Button